добар ден драга,
со телото сум овде негде, а со мислите, негде над Мариово. Doom scrolling the past, веројатно. Размислувам многу за мајка ми, за преубавото село од кое потекнува. Со изворска вода стопена од кизне кои снегови, од нашиот планински џин Кајмакчалан, со црква од 10ти век. Размислувам за дедо ми и баба ми, зошто ја воспитале со некои вредности, како токсична амбициозност. Дали потфрлиле. Дали потфрли и таа кај мене. Размислувам и за татко ми. За мајка му негова размислувам често, тотално нарцисоидна мариовка која цел живот гледаше на суперфицијални работи како физичка атрактивност, како на врвен идеал. Тотално го игнорирала татко ми. Онака како што тој подоцна ја игнорираше мајка ми, и мене. Размислувам и за дедо ми по таткова страна, незнам зошто, за него ми е многу жал. Се сеќавам кога бев да го видам во Мариово пред да летам за Европа. Беше на ридот, со своите 80ет години, со овците како и секогаш. Излегов од кола да се поздравам. Го гушнав, очите му светеа како бронза од сонцето, замислен беше. Влегов во кола и се спремав да тргнам, погледот го фиксираше цело време на мене. Ова беше збогум, последните мариовци, последната капка од светата крв Ахилова. Се делам од тебе, се делам од себе.
Јас не сакам своите карактерни маани да ги оправдам преку обвиненија за родителите. Растеле онака како што растеле и станале она што се. Исто како и јас.
Но нешто што неможам да заборавам е колку суров беше татко ми во мигови кога на мајка ми и било најтешко. Комплетно отсуство на љубов и емпатија. Презир. Тежина му бевме. Потоа ми текнува колку го презирала сопствената мајка, па јасно ми е кој го всадил тој демон во него. Горчливо.
Пошто не сум активен на форумов, решив да запишувам мисли во една тетратка. Некогаш ги препрочитувам. Не е убаво.
Мило ми е што ова завршува со мене. Сам.
Ништо не е посоодветно од такви одлуки, после сето тоа.
Не е се толку мрачно. Прошетав на убави места летово, митска Грција и мојата Македонија во главно.