Идејата да не шета се живо и диво низ Македонија ја поддржувам, иако не ми смета да има странци, ако тие се нормални луѓе кои што си го тераат животот. Ама на глобално ниво, дефинитивно не се согласувам.
Прво, ако гледаме на ниво на свет - нема потреба некој да е осуден да живее некаде само затоа што се родил таму. Има луѓе кои се снаоѓаат во различни средини, во различни култури и едноставно не се вклопуваат со начинот на живеење во државата во која се родени. Исто така има држави кои се очајно сиромашни и имаат мизерни услови за живеење. Ако некој е амбициозен и способен, не ја гледам причината да скапува во татковината, место да отиде некаде и да си изгради живот каков што тој си замислил.
Второ, што ќе се случи со Македонија и Скопје? Скопје и онака е веќе пренатрупано, замислете луѓето што летнаа на запад или во Австралија да дошле во Скопје да бараат подобар живот, бијдеќи нивните родни места секако немаат ништо да им понудат, а не смеат да живеат во туѓа држава. Не загадување, не сообраќаен хаос, ма мислам дека ни вода за пиење не би имало во градот.
Трето, има луѓе кои отишле во странство, успеале да најдат начин да направат фирма и отвориле канцеларии баш во Македонија (тие што можат да ја аутсорсираат работата). И знам дека тие го прават тоа бидејќи трошокот тука им е помал, меѓутоа, во исто време даваат и нешто надпросечни плати, што го подобрува животот во државата. Знам дека има милион вакви примери, ама ќе земам директен пример од моето родно место.
Валандово е мал град, каде во главно има потреба од физички работници (текстилна индустрија, земјоделие и оранжерии, фабрика некоја, мајстори, ѕидари, келнери итн..) најчесто за минимална плата. За млад човек, која што се школувал, да најде некоја канцелариска работа со (над)просечна плата, треба да чека државно, да бара во околината (Струмица/Гевгелија) или евентуално да си ја бара среќата во Скопје. Меѓутоа последниве 2-3 години, имаме еден интересен пример со деца кои заминале во Германија да работат како најобични работници во една фирма, нашле начин да заштедат пари, да отворат фирма, да најдат клиенти и потоа да го префрлат канцеларискиот дел од работата во Валандово. Моментално во канцеларијата имаат 40тина души, најголем дел од нив млади луѓе (25-40 години), кои можеби ќе заминеа од градот да не ја имаа работата. Тоа се 40тина фамилии што останале во градот и кои можат да си приуштат пристоен живот (бидејќи знам дека им даваат надпросечни плати), благодарение на некој што заминал од државата и успеал да се снајде таму каде што заминал. Освен тоа имаат сигурно уште толку во Германија, кои немаат квалификации да работат во канцеларија, па работат таму на терен (тоа што и тие го работеле кога почнувале).
И последно, на планетава има еден куп убавини кои што вредат да бидат посетени и видени од луѓето во текот на нивниот живот. Како ќе го регулираме патувањето? До колку дена се смета посета и кога тоа станува живеење? Што ако имам јас пари да си дозволам да се шетам цела година низ некоја рандом земја и да го посетам секое убаво место таму? Зошто тоа да ми биде забрането, бидејќи во никоја земја не смеат да престојуваат странци?
Како што кажав на стартот, сум против идејава, меѓутоа се сложувам дека треба да ја прифатат културата на државата во која што одат да живеат. Секако, не приватно, приватно секој треба да си биде тоа што е. Исто сметам дека треба да има посериозна контрола на тоа што се пушта по државите, да се направи еден добар "background check" на луѓето што се преселуваат и да бидат мониторирани, посебно првите неколку години од нивното преселување, дали си работат поштено или дошле за нешто друго. Ако некој е тука само за да си го гради животот - нема проблем. Ако дошол да се прави паметен, клоцата и дома. Знам дека ова е скоро невозможно, бидејќи ќе бара премногу ресурси за да се реализира, ама барем да има некаков ред.