Зијан - Низводно 4/5
Пушти коси - Оваа песна е антологиска, безвременска, чисто совршенство, наше културно наследсто, една од најдобрите македонски песни на сите времиња. Имав баш едно видео на Јутуб аматерско Top 50 Macedonian Songs of The 20th Century што од сегашна гледна точка ми е промашено бидејќи многу жанрови се измешани и би требало да е направено по жанр, но таму сум и дал 15то место на песнава, мислам дека сега комотно можам во топ8 да ја вметнам. Да се вратиме на песната и зошто е чиста 10ка, имаш интро што е можеби најлегендарно во македонска музичка историја, сета мака и страдања на македонскиот народ во таа мелодија. Замижуваш и доаѓаат слики од житни полиња, планини, бистри реки, низини, кањони, ја гледаш сета убавина што Господ ја дал на ова малечко парче земја, ги гледаш луѓето секогаш скромни, сиромашни, но со многу надеж и љубов во очите. За текстот што да се каже, “песна нова, мака стара“, овој стих не опишува како нација, како народ, како држава, како земја. Тука ми се вторите омилени стихови од Зијан, првите ми се во песната “Еј остани“, односно делот “Од ова парче земја Боже не давај“. За истите стихови и има пишано коментар авторот на Јутуб видеото од песната, каде што даде објаснување што мислел. И да завршам пак со Пушти коси, најголема десетка што може да се даде, скромноста на македонската традиционална жена со фатена коса дур оди на река да пере алишта, да мие садови, орото како форма на културно наследство што преживеало од колено на колено и во најтешките времиња, се е ова спомнато, зарем може некој да не ја обожава песнава?
Стамена - Невообичаена преработка на “Што имала к'смет Стамена“, што мене лично не ми се допаѓа многу. Повеќе ми е Студени Нозе стил на песна, налик на “Цвета“ нивната песна. Kрајот на песната од музички аспект ми е многу симпатичен, бубањ, гитари, плус народни етно инструменти.
Кате Сваќе - Уште една песна налик Студени Нозе. И да не се разбереме погрешно албумот на Зијан е пред единствениот албум на Студени Нозе (1994), така да единствено Зијан може да биле инспирација на Студени Нозе, а не обратно. Но дека јас прво ги имам слушано Студени Нозе и тој албум, затоа така си ги поврзувам работите. Лабава песничка за зезанција, тотално несериозна, генерално не сакам вакви песни и не ми се совпаѓаат никако со воведната песна од албумов.
Елизабет - Интересна песничка, не е лоша, певлива е, но не е некоја песна што ме импресионирала нешто посебно. Не знам што им текнало Елизабет да ја именуваат, кога кај нас тие години убедливо повеќе популарно било името Елизабета (едно од најпопуларните имиња за женски деца родени почеток на 70ти). Има и од Дадо Топиќ убава песничка со истиот наслов ако некој го интересира.
Денови - Многу мила и драга песна. Како да не ти се стопли душата кога ќе слушнеш “Ајде сестро Македонко слатка“. Штета што се нема зачувано некаде песнава во подобра верзија. Спомнато вино како нешто автентично за нашата земја и подневје, Денови како наслов многу веројатно инспирани од Денови на Кочо Рацин.
Рушиме се - Уште една песна од категоријата “најдоброто од Зијан“, мелодијата многу слична на Пушти коси. Текстот тука е многу добар, “небото плаче“, “слушам како песна се раѓа“. Песнава има и видео запис ако ве интересира.
Град - Интересно доста, доста експериментални звуци и интересен стил на пеење и целата изведба. Дури дел на ЕКВ гледам во песнава. Не ми е една од нивните омилени, но дефинитивно ми е многу интересна.
Низводно - Какво убаво инструментално уживање за крај, да ти е мерак да слушаш. Супер одбрана песна за крај на еден албум кој имаше потенцијал да е еден од најдобрите албуми во македонска историја, за жал преплавен е со некои просеци кои одат како составен дел од овој легендарен албум. Како и да е , и во ваква форма албумов е супер. Патем и оваа песна има видео запис достапен на Јутуб.
Оцената е 4/5 поради “Пушти коси“, без таа песна дури и на 3/5 може да падне. Но, доколку “Кате Сваќе“ ја заменам со 'Еј остани' мислам дека и 4.5 може да достигне албумов. Штета уште еднаш што не е зачуван во подобар квалитет, а ќе речеш 90ти години треба да е напредната технологија и да се во подобар звук, но не и кај нас. Во Америка 60тите се паднале кај нас во 90ти од аспект на технологија во музиката.
Последно уредено:






