Прегледај го приврзокот 402029
Лазар Поп Трајков 1903
Пак доаѓам при вас, о врвови вишни,
по планини жедни, низ безводни спили,
да видам јас скрки и долинки скришни
што крвта ги багри на јунаци мили.
Да останат вечно спомените тешки
за војвода тука што остави снага,
за честа што тука во часови жешки
бој водеше страшен за слобода драга.
Блазе си ви, велам вам присои ладни,
што чувте кај грми на пушките екот,
пет векови гласат премрежиња страдни,
вик јуначки сега прогласува векот!
Сте честити сега, ве разбуди ете
на штикови ледни дрнкањето остро
и громкото ура, и Турчин се смете
млад војвода дека командува просто.
Неодамна тука потерата клета
ја чекавме да ја уништиме ние,
ја обзеде радост дружината сета
што може да бие, а не да се крие.
Нестаната уште од ноќните сништа
јуначката чета, во раните зори,
пред сонце да пекне, — рој куршуми пиштат
и пукот ги стресе високите гори
Се истури грмеж од стражите предни
и купишта Турци попаѓаа тука,
се прснаа сите, исплашени, бедни,
штом ура се зачу, штом четата спука.
И наскоро оган се отвори, вџашен, —
од едната страна комитите смели,
бестрашните чеда во животот страшен,
од другата Турци на булуци цели.
„Удирајте право, да не мине никој
од овие Турци и Арнаути клети!"
И целата чета го подзеде викот,
пред тешката сила без уплав да сети.
За одмазда жедна сплотената чета
со куршуми бие, со зборови гласи:
„Тиранството долу! Co слобода света
македонска земјо, прославена да си!