Сали : Чудото на реката Хадсон
Овој пат се решив за биографска драма, инспирирана од вистински настан.
Режисер Клинт Иствуд, главна улога Том Хенкс. За ваква тема, не ми паѓа на ум подобар избор искрено, оти со Иствуд никогаш нема утка кога треба да се долови емотивна димензија на одреден настан, а Том е одличен во доловување ликови со покомплексни дилеми и несекојдневни доблести.
Нејсе, доста трачам туку два збора за филмот.
Еден јануарски ден за време на лет, двата мотора од авионот откажуваат, што го става Сали (Челси Саливан) на тест на човечноста којашто некогаш бара екстремни, во однос на правилата, не секогаш прифатливи избори. И тој решава да биде храбар и да ги стави животите на луѓето пред сите правила и авионот принудно слетува во реката Хадсон. Ова екстравагантно слетување резултира без жртви и тешки повреди.
Но, Челзи паралелно ги живее и рајот и пеколот произлезени од неговата одлука. Масата го смета за херој (што и е), но преку една истрага на одделот за безбедност на пат, се доаѓа до сознание дека едниот од моторите не откажал целосно и дека можел да ги однесе до пристаништето, така што, од една страна речиси идолизираниот Сали е немилосрдно осудуван... и двете на иста тема - безбедноста на патниците.
Приказна којашто ќе натера човек да се запраша за сопствените избори, дискутабилноста на острата поделба на правилно и погрешно.
Ми се допадна тоа што немаше некоја пропаганда и бодење очи со идеи како што знае да биде еден холивудски филм, буквално приказната сама си се раскажа. Немаше ни претеризам со визуелни ефекти и замајување со детали. А глумата на Хенкс, мислам не се ни дискутира. Филмов е нешто како ова ,, Совршен колач со само 2 состојки ", само што во овој случај не е само click bait.
Има еден друг момент. Истражителите се претставени многу остро, небаре суд на Инквизицијата. Самиот пилот е всушност вклучен во сценариото така што овој факт малку ме замисли.
Во секој случај, квалитетно потрошени нешто повеќе од час и половина. 9/10