Намалувањето на казните за злоупотреба на функцијата и за злосторничко криминално здружување се прават баш сега , во договор со кривично гонети лица од ВМРО-ДПМНЕ за возврат дел од пратениците да гласаат за уставните измени, тврдат за САКАМДАКАЖАМ.МК од владејачката коалиција.
„Сѐ е договорено и затоа молчат дури и меѓународните фактори. Договорот оди доминантно преку избеганиот Никола Груевски, тој ги обезбедува пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе треба да стиснат зелено копче за уставните измени. Логично, од ова спуштање на затворските казни, за кое се бори со години ВМРО-ДПМНЕ, полза имаат само обвинети или осомничени структури од оваа партија. Од СДСМ и од ДУИ уште нема обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за злосторничко здружување, тоа би било евентуално кога би ја изгубиле власта. Овој договор со ВМРО-ДПМНЕ и со Груевски траеше извесно време и затоа премиерот Димитар Ковачевски цело време спокојно тврди:’Уставни измени ќе има’!”, тврдат за САКАМДАКАЖАМ.МК соговорници од власта.
Ваков обид и покрај претходното жестоко противење, владејачката коалиција имала во 2019 година, за уставните измени за додавање на зборот „Северна“ во уставното име. Но тогаш идејата успеале да ја спречат Павле Богоевски и Ивана Туфегџиќ, претставници од Шарената револуција кои влегоа во Парламент преку листата на СДСМ. Тогаш напорот бил преку истите овие измени на КЗ што се сега, да се спаси синот на пратеничка, тогаш обвинет во случајот „Трансмет”.
Како и да е, велат соговорниците, со овој потег со еден куршум се убиваат три зајака: се обезбедува двотретинско мнозинство, се спасува Груевски и најблиските соработници за кои уште се водат постапки, и носителите на функции од СДСМ и ДУИ за во иднина си обезбедуваат условни казни и брзо застарување на кривичното гонење, во случаи каде би биле апсени и обвинети.
С. К. ДЕЛЕВСКА
Ако ДПНЕ си дозволи уште еден ваков предавнички испад како тој со менувањето на името на државата, тогаш можат комотно во ист гроб со СДС да се закопаат заедно на следните избори.