Па mixed signals прќаат од ујп, ете некој службеник од ујп пишал дека ќе се даночат... А што точно ти стигнало од Комерцијална? Потврда дека не подлежат на даночење? Беш ме интересира што кажале ако можеш да споделиш?
Почитувани,
оданочувањето на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност ќе се применуваат за хартии од вредност кои се стекнати почнувајќи од 1 јануари 2023 година од страна на даночниот обврзникот или од страна на правниот претходник во случај на наследување или подарок.
Даночен обврзник на данокот на доход е секое физичко лице резидент на Република Северна Македонија за доходот што го остварува во земјата и во странство.
Основа на данокот на доход од капитални добивки претставува разликата помеѓу продажната цена на хартиите од вредност и нивната куповна (набавна) цена и на истата се признаваат нормирани трошоци од 10%.
Данокот на доход од капитални добивки се плаќа по стапка од 10%.
Данок на доход не се плаќа на капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност доколку имателот ги поседувал за период подолг од две години.
За целите на утврдување на капиталната добивка, како продажна цена на хартии од вредност се смета остварената цена која обврзникот ја документира. Како куповна (набавна) цена на хартиите од вредност ќе се смета цената по која обврзникот ја документира како стварно платена или, ако тоа не го стори, најниската објавена цена на берза во годината во којашто е извршена продажбата или, ако немало купопродажба, нејзината номинална вредност.
Ако хартиите од вредност се стекнати по пат на наследство или подарок, како набавна цена се смета цената по која се стекнати хартиите од вредност од страна на правниот претходник (дарувачот или оставителот). Доколку не може да се утврди цената по која се стекнати хартиите од вредност како набавна цена ќе се смета најниската пазарна цена остварена на берзата во годината во која се стекнати од правниот претходник (дарувачот или оставителот) или ако немало купопродажба, нивната номинална вредност.
Капитална загуба остварена од продажба на хартии од вредност на берзата во земјата во тековната година се пребива со капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност на берзата во земјата во истата година.
Централниот депозитар за хартии од вредност е должен на органот за јавни приходи да му достави годишен извештај со податоци за стекнување и продажба на хартии од вредност од страна на физички лица во земјата, најдоцна до 15 јануари во тековната година за претходната година. Аконтацијата на данокот на доход од капитална добивка од хартии од вредност се пресметува од органот за јавни приходи врз основа на податоците од годишниот извештај од ЦДХВ, најдоцна до 15 февруари во тековната година за претходната година.
При остварени капитални добивки/загуби од продажбите со хартии од вредност на странските пазари, даночниот обврзник е должен да поднесе пресметка на аконтација на данок на доход и докази до органот за јавни приходи најдоцна до 10-ти во месецот кој следи по месецот во која е остварена добивката/загубата. Аконтација на данокот на доход остварен од продажбата на хартии од вредност на странските пазари утврден во одобрените пресметки се плаќа најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец.
Органот за јавни приходи изготвува годишна даночна пријава за обврзникот, која ги содржи податоците за остварениот доход и платените аконтации на данокот во текот на годината за која се утврдува данокот. Годишната даночна пријава, органот за јавни приходи ја доставува до обврзникот најдоцна до 30-ти април наредната година. Обврзникот на данокот на доход е должен да ја потврди точноста на податоците од доставената пополнета годишна даночна пријава или да ја коригира пријавата најдоцна до 31-ви мај. Доколку обврзникот не ја потврди или коригира доставената пополнета годишна даночна пријава во предвидениот рок, доставената пополнета годишна даночна пријава се смета за потврдена.
Данок на доход не се плаќа за капитална добивка остварена од продажба на хартии од вредност доколку:
- обврзникот ги стекнал со емисија на хартии од вредност реализирана како иницијална јавна понуда;
- oбврзникот ги продава хартиите од вредност, кој ги стекнал по основа на наследување или подарок од прв наследен ред, по истекот на две години од денот на стекнувањето од страна на правниот претходник (оставителот или дарувачот);
- обврзникот ги продава хартиите од вредност кои ги стекнал по пат на денационализација;
- обврзникот ги продава долгорочните должнички хартии од вредност издадени од државата и долгорочни должнички хартии од вредност издадени од општините, општините во Градот Скопје и градот Скопје.
За подетални информации за обврските кои произлегуваат за даночниот обврзник можете да се информирате од ЗАКОН ЗА ДАНОКОТ НА ЛИЧЕН ДОХОД („Службен весник на Република Македонија“ бр. 241/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/19, 290/20, 85/21 и 274/22).
Со почит,
Комерцијална банка АД Скопје