Gilda
На задна врата му влегувам на филмов. Го фаќам последниот воз.
Многу слабо стојам со време и сум паднат во гледање на филмови годинава, посебно летниве месеци, ама филмов кога го видов, реков дека мора да одделам време и да го изгледам, иако денес сум со подочњаци до под, вредеше.
Гилда беше прекрасна. Сцената што ја поставила Корвус, глумата, интеракцијата, дијалозите. Врв! Им ја читаш омразата, а и страста низ очите и саркастичните спуштања.
Но, ако во филмот имавме јак женски лик кој го носеше на плеќи целото дејствие, пленејќи низ секоја сцена, од другата страна немавме доволно добар машки лик како против тежа кој ќе привлече бар дел од симпатиите за да "навиваме" да завршат заедно.
Овака, крајот, иако среќен, повеќето од нас не го доживеавме на тој начин.
Имаше и некои клише сцени, избрзани и предвидливи, посебно во завршниот дел, но филмот имаше приказна која те задлабочува и вози до самиот крај.
Ако од нешто сум воодушевен кај старите филмови се паметните дијалози, со одлика на манеризам, џентлменство и убавина, нешто, што за жал не може да се види во филмската уметност денес.
Баш поради сите тие дијалози, иако филмовите се снимени во студио, без некои посебни пејзажи и ефекти, знаат да задржат внимание со квалитетот на раскажувањето на сценариото.
Од друга страна, ме воодушевуваат и некои техники на камерата, убаво избрани кадри за да се долови одредена тежина во сцената. Пример, баш во таа кога Џони и Гилда се запознаваа, иако дијалогот беше помеѓу тројцата, нејзиниот маж воопшто и не се појави во кадар. Одлично доловено дека воопшто не е битен.
Мене ми беше прво запознавање со Рита, и морам да се согласам дека плени со убавина, харизма, и начинот на кој што го долови ликот на Гилда, има специфична аура која привлекува... Ноо... Најубава жена на сите времиња, за мене останува само една, единствена.
8