На оваа досега необјавена слика е телото на убиениот Орце Коруновски Пикадили после ликвидацијата во Варна во 2002 година, била превземена од некој бугарски весник па мене ми беше пратена.
Бугарската полиција го открила убиецот на Орце Коруновски
Време / 18.10.2005
ПО ДВЕГОДИШНА ИСТРАГА Рекетар, убиец и тројца нарачатели се осомничени за убиството на скопјанецот Орце Коруновски, во Варна, Бугарија, пред две години, соопшти вчера бугарското МВР. Коруновски на македонската јавност и беше познат како сопственик на крим-ревијата „Сведок“. Според бугарската полиција, нарачатели на убиството биле Димитар Благоев Бенишев (41) и Венко Николов Агонцев (38) од Софија, кој бил на слобода со кауција. Во Софија не соопштуваат дали платената кауција на Агонцев е за убиството на Коруновски. Како соучесник на овие двајца бил осомничен Карамфил Божидаров Карамфилов (33), исто така од Софија, по кого била распишана потерница. Малин Бориславов Крумов - Маце (36) од селото Дивотино кај градот Перник бил осомничен како извршител на убиството на Коруновски. Тој веќе бил уапсен годинава и се наоѓал во истражен затвор во Варна, а тамошното обвинителство веќе покренало обвинение за него поради убиство. Орце Коруновски (37) бил убиен со два куршума во слепоочницата во ресторанот за брза храна „Тропска куќа“ во Варна на 22 септември 2002 година. Коруновски бил убиен околу 14.15 часот додека јадел. Во моментот на убиството во локалот се наоѓале триесетина гости. Убиецот на Коруновски му се приближил од зад грб и ладнокрвно му пукал во главата. По злосторството тој го напуштил ресторанот, а пиштолот со кој го извршил убиството подоцна е пронајден од полицијата. Очевидците тогаш изјавиле дека во Коруновски пукал млад маж. Во потрагата по убиецот, варненската полиција употребила и кучиња-трагачи. Во бугарските медиуми се шпекулираше со името Митко Бемишев - Бугаринот како убиец на Коруновски. Овој човек бил приведен, но потоа ослободен од полицијата поради недостиг од докази. На 20 јули 2003 година, Бемишев бил пронајден мртов во стан во Софија. Орце Коруновски тогаш привремено престојувал во Бугарија, бидејќи имал регистрирано фирма во Ќустендил. Тој имал регистрирано и фирма за увоз- извоз со седиште во Белград, сопственик бил на крим-ревијата „Сведок“, а ја поседувал и агенцијата за обезбедување „777“. Според полициски сознанија, Коруновски бил вмешан и во бизнисот со хазардните игри. Името на Коруновски се споменуваше со повеќе афери и матни зделки од скопското подземје. Тој беше испрашуван во врска со обидот за атентат врз Киро Глигоров, потоа и за убиството на неговиот ривал Марјан Тушевски - Боксерот. Орце Коруновски неколкупати бил цел на оружени напади, како онаа пред шест години пред кафеаната „Златна виљушка“ во населбата Јане Сандански. Тогаш Тушевски во него испукал еден пиштолски шаржер, но не успеал да го убие. Коруновски учествувал и во тепачката за неколку бугарски проститутки, пролетта 2002 година, пред хотелот „Панорама“, со обезбедувањето на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски. А.Б. ФАТЕН УБИЕЦОТ И НА ВЕЛЕШКИТЕ БИЗНИСМЕНИ Покрај убијците на Коруновски, бугарската полиција соопшти дека ги расветлила и убиствата на велешаните Трајко Пренџов и Панче Бобевски. Извршител на ова двојно убиство бил Атанас Костадинов Божинов (38) години од Софија. Тој од август годинава бил во домашен притвор. Бобевски и Пренџов биле убиени во стан во градот Сандански на 21 јануари 2003 година. Двајцата велешани биле сопственици на фирмата „М6-91“ и на 75 отсто од капиталот на бугарското претпријатие „Илинденци Мермер“, кое експлоатирало рудник за мермер во реонот на Сандански. Мнозинскиот пакет акции од бугарската компанија го откупиле во јули 2001 година. Заедно работеле повеќе години, во почетокот како сопственици на фабрика за хартиени ќеси во Велес. Пренџов на велешката јавност и е познат како претседател на Собранието на Велес од 1990 до 1996 година, а претходните две години, како претседател на Извршниот совет на Велес.
Откриени убијците на македонските бизнисмени
Дневник / 18.10.2005
БУГАРИЈА По тригодишна истрага бугарската полиција конечно собрала доволно докази за да ги расветли трите убиства на македонските бизнисмени во Бугарија, кои беа дел од војната на подземјето во 2002 година и во 2003 година, соопшти бугарското МВР. Бугарската полиција ја комплетирала документацијата за убиството на Орце Коруновски, кое се случи на 22 септември 2002 година, во Варна. За таа егзекуција се осомничени четири лица. Убиството го нарачале Димитар Благоев Бенишев (41) и Венко Николов Агонцев (38) од Софија. Нивен соучесник бил Карамфил Божидаров Карамфилов (33) од Софија, по кого е распишана потерница. Физичкиот ликвидатор на Коруновски е Малин Бориславов Крумов- Маце (36) од селото Дивотино кај Перник. Тој е уапсен годинава и е во истражен затвор во Варна. Орце Коруновски беше убиен во ресторанот "Тропска куќа" во центарот на Варна. Неговиот убиец од непосредна близина пукал двапати во главата со пиштол "црвена застава" во калибар 9 мм и побегнал. Еден ден по убиството полицајци го пронашле оружјето во близина на местото на настанот. Убиството било извршено ладнокрвно пред триесетина сведоци. Коруновски, додека престојувал во градот, контактирал со познати бугарски бизнисмени и со луѓе од бугарското подземје. Осомничените Венко Агончев, Димитар Бенишев и Димитар Викентиев беа приведени уште во 2002 година, но по деветмесечен притвор беа пуштени од притвор со кауција за да се бранат од слобода. Бугарската полиција го расветлила и убиството на велешаните Панче Бобевски (51) и Трајко Пренџов (52). Двајцата беа пронајдени застрелани во стан во Сандански на 21 јануари 2003 година. Нивниот ликвидатор е Атанас Костадинов Божинов (38) од Софија. Пренџов, поранешен градоначалник на Велес, и Бобевски биле најдени убиени во стан, застрелани со по еден куршум во главата. Двајцата велешани биле сопственици на фирмата "М6-91" и на 75 отсто од капиталот на бугарското претпријатие "Илинденци Мермер", кое експлоатирало рудник за мермер во реонот на Сандански. Бугарските полицајци претпоставуваат дека убиството било "професионално извршено" и е дело на некој што добро ги познавал Пренџов и Бобевски. Пренџов на велешката јавност и е познат како претседател на Собранието на Велес од 1990 до 1996 година, а во претходните две години, како претседател на Извршниот совет на Велес. Бугарските медиуми пишуваа дека со убиствата на Пренџов и на Бобевски продолжува расчистувањето на политички и на економски сметки, кои од Македонија одамна се префрлиле во Бугарија. Гангстерска војна ги вознемируваше бугарските граѓани неколку години, а полицијата тешко се справуваше со нив. Според бугарските медиуми, се почнало со апсењето на еден од најголемите мафијаши на Балканот, Србинот Сретен Јосиќ. Битката за прераспределба на силите во подземјето е продолжение на промените во политичката и во економската сфера во Бугарија. Војните се воделе за туризмот, за приватизација во енергетиката, која во тоа време била во тек, во областа на банките и на финансиите. По завршувањето на мафијашките пресметки, се префрлиле на легални бизниси, но задржале многу пари. Апсењата почнале со Србинот Јосиќ, на 20 јуни 2002 година, кому му се припишуваат еден куп убиства и терористички акции, трговија со дрога, а се барал и во неколку земји во Европа поради шверц во кој биле замешани и бугарски бизнисмени, кои потоа го предале. На 25 јули истата година судот одлучил да биде екстрадиран во Бугарија. Оттогаш за само неколку дена биле убиени четворица крупни бизнисмени. За сите тие убиства бугарското МВР осомничила повеќе мафијашки групи, но немало реализација поради недостиг од докази. По таа серија мафијашки пресметки следува нова чистка во подземјето во која среде Варна е убиен и Македонецот Орце Коруновски, заедно со Грузиецот Бедзина Арошидзе. Во таа чистка, која траела до крајот на 2002 година, биле убиени уште четворица странски бизнисмени. Гангстерската војна продолжи во 2003 година со убиствата на Бобевски и на Пренџив. Во пресметките на подземјето се убиени осумнаесет бизнисмени, познати дилери на дрога, убијци барани од Интерпол и најголемиот шверцер во Бугарија Констатин Димитров-Самоковец, кој бил убиен во Амстердам.
Расветлени убиствата на Орце Коруновски и двајцата велешани
А1 / 17.10.2005
Убиствата на Орце Коруновски и двајцата Велешани Панче Бобевски и Трајко Пренџов, спаѓаат во 25 најголеми гангстерски убиства извршени во Бугарија последните 5 години. Убиствата на македонските државјани биле ставени во извештајот на бугарското МВР за мафијашките престрелки, пренесува агенцијата „Бгнес“. Орце Коруновски беше убиен во кафеана во Варна септември 2002-ра, според бугарската полиција станувало збор за гангстерска престрелка. Убиството го нарачале Бугарите Димитар Бенишев, Венко Агонцев и Каранфил Карнфилов, а директен извршител бил Малин Бориславов кој оваа година е уапсен во Варна. Коруновски бил дел од македонското подземје и имал врски со повеќе бугарски мафијашки кланови, изјавуваа во македонската полиција по неговото убиство. Инаку еден од нарачателите на убиството на Коруновски - Димитар Бенишев, по убиството бил уапсен па пуштен со кауција, но половина година подоцна бил најден убиен во стан во Софија. Велешаните Бобевски и Пренџов се убиени во стан во Сандански во јануари 2003-та. Убиецот Атанас Божинов е уапсен брзо по убиството, а сега е во домашен притвор. Во бугарската полиција велат, дека сега збирно го објавуваат својот извештај по големите јавни критики дека не можат да ги решат мафијашките убиства.
Веќе познати текстови за случајот, но вреди да се објавата затоа што поврзуваат многу имиња и се вклопуваат добри информации и детали со нив, штета што е избришан и не се отвора текстот каде пишува дека убиецот на Орце Коруновски се криел во Струмица и Берово после убиството, текстовите за убиените велешки бизнисмени се пропратни затоа што и тој случај е веќе спомнат на темата.