И според Грција, Бугарија во Втората светска војна била фашистичка окупаторска земја
Софија нема никакви проблеми со грчката верзија на историјата за она што се случувало на Балканот за време на Втората светска војна и улогата на Бугарија во фашистичката окупација на регионот. Никој од Бугарија не побарал формирање на заедничка комисија од бугарски и грчки историчари за дефинирање на некаква „заедничка историја“. Во Грција без никакви ограничувања се учи за нивната верзија за бугарската окупација на Македонија и за протерувањето на домашното грчко население од Македонија.
Грчкиот весник Грик репортер вчера објави текст за 22 јули 1943 година кога Грците се побуниле против нацистите во Македонија. Во весникот пишува дека тој ден, „за време на бруталната окупација на нацистите, во Атина се одржааа големи протести против германските планови за проширување на бугарската окупација на Македонија.
На почетокот на јули 1943 година, Адолф Хитлер побара од бугарската влада да ја окупира и територијата на Македонија и Тракија. Веќе на 14 мај Бугарија анектираше делови од Македонија и Тракија. Тогаш почна и масовната кампања на колонизација, во која беа депортирани сите грчки службеници (градоначалници, наставници, судии, адвокати, свештеници, жандарми). Беше забранет и грчкиот јазик во Македонија. Имињата на градовите и местата се сменети во бугарски.
Дополнително, бугарската влада се обиде да го промени и етничкиот состав на Македонија, со експропријација на земјишта и куќи на Грците во корист на бугарските доселеници и со воведување на принудна работа и економски ограничувања за Грците во обид да ги принудат да мигрираат. Соочени со опасноста од бугарска инвазија, многу Грци почнаа да бегаат главно во остатокот од Грција, а некои од Тракија во Турција.
Протести против бугарската окупација на Македонија се одржаа и во Солун и во помалите градови во северна Грција. Во Атина протестираа помеѓу 100.000 и 300.000 главно работници и студенти. Но германската армија, италијанската коњаница и грчката колаборационистичка полиција го блокираше протестот. Имаше 22 жртви и стотина ранети.
По протестот, плановите за проширување на бугарската окупациска зона беа одложени на неодредено време и никогаш не се реализираа“, пишува Грик репортер.