Што направивме ни самите не сме свесни, го елиминиравме актуелниот европски првак на домашен терен, поклон до земја на сите играчи кои ни ја донесоа таа неизмерна радост.
Го шокиравме светот, секаде во секоја земја се пишува за Македонија, секој коментатор падна во транс по реализацијата на Трајковски.
За вакви моменти се живее, едноставно рај за душата е овој момент.
Многу ми е мило што токму Трајковски ја реши средбата, заслужи човекот покрај толку стативи што погоди на ЕП, ова му дојде како кец на десетка, целиот фудбалски фокус е кон него, повеќе од Меси и од Роналдо.
Првото полувреме го одигравме лошо, чиста среќа што не примивме гол, Берарди промаши нешто што не е верно за играч од негов калибар, токму тој момент мислам дека беше пресуден, се отсече дечкото после ова промашување, во вториот дел рамките на голот не успеа да ги погоди.
Имавме и ние добра прилика преку Чурлинов, ама детево реагираше премногу споро во ситуацијава, да беше Елмас ќе беше друга приказна.
Вториот дел за нас беше одличен, наликувавме на Италија која на тој начин освојуваше првенства.
Одлично одиграно во дефанзива, секоја чест за одбраната, пред се за Алиоски кога го блокираше шутот на Берарди, многу битен момент беше ова за развојот на настаните на средбата.
Муслиу одигра многу добар натпревар, стабилно реагираше во секоја ситуација, мислам доби највисока оценка кај нас и е играч кој е во тимот на колото, сосема заслужено.
Ашковски беше одлично освежување во вториот дел, во повеќе наврати тој повлекуваше во нападот, плус доста агресивно одигра над Верати, многу корисен играч е дечкото, има многу добри елементи во играта.
Околу натпреварот се е веќе кажано, нема потреба многу да се повторувам.
Штета што покрај таква победа над актуелниот европски шампион ние пак не сме на СП, треба да играме и против Португалија.
Пример Полска не ни играше против Русија може многу лагано да си резервира лет за Катар.
Нека е честито оваа неверојатна победа, нека се множат и уште многу радости да ни донесат дечките.