Една од најголемите предности на животот во странство е тоа што секој си ја гледа својата работа и си води свој живот.
Не знам дали е од ''Вардар до Триглав'' синдром кога станува збор за прашувањето работи кои не треба да се прашуваат или е нешто што треба да се препише на човековата природа. Мислам дека сите во одреден период од животот сме биле жртви на љубопитноста на другите. Без разлика дали станува збор за женети/неженети, мажени/немажени, со деца/без деца, здебелени или ослабени, на прашањата му нема крај. Хехе, не знам зошто ама во последно време ужасно почна да ме нервира прашањето "Колку земаш, ако не е тајна?". И не, во конкретниов случај не станува збор за прашања директно упатени кон мене, туку само сум набљудувач од страна. Безобразно ми е и некултурно кога го користат луѓе кои спаѓаат во категоријата далечни роднини и пријатели или пак соседи со кои се зачекуваш само на влез од зграда. И ок, ќе одговориш. Ако е минималец следува фацата на разочарување, утешителни коментари, а после извесно време период на дистанца затоа што едноставно не си личност која е доволно вредна за дружа. Ако пак е над просечна цифрата, сигурно си член на некоја политичка партија, бркаш некоја матна работа или спиеш со шефот. И нормално дека не може да помине секоја наредна средба без да ти се приговара за тоа. Демек, "Ајде ајде, не се жали. Што е тоа за тебе, заработуваш толку и толку".
Srsly луѓе, прашањата за сексуална ориентација, политика, религија и заработа се прашања кои се дел од најдлабоката интима на човекот и нешто за кое се дискутира со најблиските личности, освен ако самиот поединец нема проблем да споделува интима со вас. Дури, за некои луѓе и дискусијата со најблиските личности е дискутабилна и е под знак прашалник. Смирете страсти малку, има толку широк дијапазон на теми за разговор меѓу луѓето, а вие сте се фатиле за нешто што скроз не треба да ве интересира. Порано се вреднувавме меѓу себе според знаењето, однесувањето и манирите, а денеска според цифрата која ја заработуваме. Мизерија.