Се барале по меѓународни потерници, но наместо да завршат зад решетки, добија пасоши со туѓ идентитет и чисто досие. На вкупно 214 странски, опасни криминалци со дебели досиеа и еден наш државјанин им беа издадени патни исправи со идентитет на наши државјани кои никогаш немале проблеми со законот. Акцијата која бомбастично беше најавена и која за МВР е „Двојник", а за ВМРО-ДПМНЕ е „Мафија", експресно стаса до судница и заврши со првостепени пресуди. Таму обвинетите рекоа дека признаваат вина и добија условни или затворски казни помали од 3 години. За сега нема повеќе кривични дела во обвинението, ниту лица од повисоките раководни позиции на МВР во обвинителниот акт.
Обвинението за „Двојник“ беше поднесено на 14 април, годинава. Со поднесениот обвинителен предлог, 10 лица беа обвинети за продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, а едно лице е обвинето за поттикнување при извршувањето на истото кривично дело. Притвор беше определен за 7 лица и за еден кој е во бегство. За тројца, на сила беа мерки на претпазливост.
Други кривични дела во оваа обвинение нема, иако се работи за сериозни криминални дејствија кој на оние што ги добивале пасошите им отвориле чист пат кон нов криминал, но овој пат со чист идентитет.
Истрагата утврди дека обвинетите, како службени лица вработени на различни позиции во МВР, Одделение за управни работи Скопје, поттикнати од обвинетиот
Раиф Мифтари, кој е во бегство, во период од средината на месец јуни 2017 година до крајот на 2020 година, во повеќе наврати, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија со кои овозможиле на незаконски начин, 214 странски, и еден македонски државјанин да се стекнат со патни исправи на РСМ под туѓ идентитет.
Пасошите биле издавани заобиколувајќи ја постапката за издавање на патни исправи, визи и евиденција од Законот за патни исправи на државјаните на РМ, спротивно на Упатството за начините на спроведување на постапката за издавање на патна исправа.
Обвинетите употребиле податоци за идентитети на лица, државјани на РСМ, кои до сега не побарале и не се стекнале со македонска биометриска патна исправа, а се иселени од Македонија или од раѓање живеат во странство, кои немаат остварено влез во земјава, но поседуваат македонско државјанство. Потоа, ги користеле податоците на овие лица за изработка на патни исправи, со вметнување на фотографии од баратели на патни исправи кои заради криминални активности се бараат со меѓународни потерници. Тие баратели потоа имале намера да ги употребат нелегалните македонски пасоши при премин на државни граници, легитимирајќи се со македонската патна исправа и прикривајќи го својот вистински идентитет.
За да дојдат до овие сознанија, надлежните им ги следеле комуникациите, ги прислушувале, ги оставиле да работат во МВР, но биле постојано под лупа на службите за истраги, бидејќи за нив постоеле оперативни сознанија дека издаваат македонски пасоши со украден идентитет на странски државјани со профил на криминалци од висок ризик.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ,
Христијан Мицкоски во изјава за медиумите по акцијата рече дека вистинските злосторници за „Двојник“, односно „Мафија“ седат во началничките фотелји на МВР, а оние кои седнале на обвинителна клупа се лица кои одлучиле да ја преземат вината врз себе.
Но, за сега нема имиња на лица од повисоките позиции на МВР на листата на осомничени за издавањето на пасоши со туѓ идентитет.
Во мрежата на акцијата „Двојник“ се заплеткаа вкупно 215 украдени идентитети. Лицата кои ги добивале пасошите, без закажување на лице место се појавувале, биле фотографирани и ги добивале документите.
Сумите за еден македонски пасош со туѓ идентитет достигнувале и до 20.000 евра. Кривичните дела обвинетите не ги негираа, туку напротив, ги признаа. И по ова судскиот процес заврши во првостепена постапка.
Обвинетата
Оливера Софрониевска, вработена во МВР одобрила 198 пасоши.
Таа пред Судот призна вина и доби 2 години и 5 месеци затвор. Останатите пасоши ги одобриле други контролори, но од нив нема обвинет. Нема обвинети нути од носителите на пасошите со туѓ идентитет.
Една година и седум месеци затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања доби обвинетиот
Шемседин Јашари, на кого заедно со првостепената пресуда му беше изречена и забрана за вршење дејност во период од 10 години.
Обвинетите
Денис Баруфи,
Ален Личина,
Ѓорѓе Велков,
Фарук Биља и
Раиф Мифтари, исто така признаа вина.
Мифтари доби 2 години и 3 месеци затвор, додека останатите затворски казни за тројца од вработените во МВР се во висина од: 2 години и 7 месеци, 2 години и 3 месеци, 2 години. Условната казна е за еден вработен во МВР и таа изнесува 6 месеци затвор, кои нема да се извршат ако во рок од 2 години тој не направи ново кривично дело.
Максималната затворска казна што им се закануваше беше 3 години затвор.
Покрај казните, и овие вработени во МВР добија забрана за вршење на професијата во наредните 10 години.
Обвинителството не ја знае ни точната сум на пари која им била плаќана на обвинетите за да ги направат пасошите.
„Во конкретниот случај не располагаме со точни податоци за парични средства и висина на парични средства и затоа е употребена таа квалификација, дека прибавиле имотна корист. Но, судот во пресудата одлучи да им изрече и казна забрана за вршење на професија и дејност во период од 10 години, што сметам дека многу повеќе ќе ги погоди одошто нешто друго, од некаква материјална корист", вели
обвинителката Спасенка Андонова.
Изборот на идентитетот кој ќе стои во патната исправа која потоа им се давала на лица кои биле членови на меѓународни организирани криминални групи, нарко-картели, лица инволвирани во други сериозни кривични дела, се бирал најчесто на оние граѓани кои немале биометриски патни исправи и кои биле надвор од државава, но заминале со обичните пасоши, пред да се воведат биометриските.
За лицата кои се криеле зад туѓиот идентитет распишани се и меѓународни потерници, но поради лажните податоци, тие слободно минувале на границите со пасоши кои биле идентични на вистинските, односно реални, со податоци на граѓани кои постојат, но фалсификувани. „Двојникот" кои им помогнале да го добијат вработени во МВР, бил користен за извршување на сериозни кривични дела.
Со ПИ-мерки се собирале докази за вработените во МВР кои пред неколку беа уапсени во полициската акција „Двојник". Откако биле добиени оперативни сознанија, по наредба од обвинител започнало следењето на дел од вработените во МВР.
Следењето на комуникациите на дел од осомничените, им дало насоки на обвинителите да ја прошират листата на осомничени лица и на списокот за ПИ-мерки да додадат и други лица за кои била издадена наредба. Иако прислушувањето согласно Законот за кривична постапка може да трае 4 месеци, па потоа да се продолжи уште за 4 или за 6 месци, во акцијата „Двојник" сите не биле прислушувани во исто време, па затоа и истрагата траела подолг временски период.
Мрежата била следена околу 2 години, а се собирале доказите за да може да се реализира акцијата.
Разговорите кои ги воделе осомничените лица и комуникациите кои ги имале, ја прошириле истрагата и надвор од границите на државава. Поддршка за истрагата била дадена и од страна на Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при амбасадата на САД во Скопје, како и Генералниот секратаријат на Интерпол Лион и Интерпол Скопје.
Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески по акцијата посочи дека никој нема да биде заштитен и лицата ќе бидат изведени пред лицето на правдата, но нагласи дека има уште многу работа, а дел од работата треба да завршат другите органи и потврди дека Јавното обвинителство ќе ја прошири истрагата за предметот.
„ОЈО Скопје по поднесувањето на обвинението до МВР побара дополнителни известувања за начинот на организација на издавањето на овие патни исправи, за лицата кои постапуваат по тоа, за информациониот систем итн. Најпрво треба да се утврди кои лица имале допир со овие документи, кои лица може да ги креираат овие документи, како е поставена целата служба, кои какви задачи и овласувања има во таа служба, кој ја носи одговорноста за функционирањето на таа служба и дали тоа постапување било во рамки на прописите кои го регулираат внатрешното работење на МВР", изјави Јовески по акцијата.
Побарано е и, додава, да се утврди околноста колку од овие пасоши се искористени, колку од нив се искористени при преминување на нашата државна граница, колку во странските земји.
„Можам да ве уверам дека Обвинителството сериозно и одговорно ќе го испита до крај овој случај. Воопшто нема дилеми дека Обвинителството сака да го забошоти или да не дојде до повисоките структури во рамките на МВР доколку имало или дека нема тие сторители да ги гони. Кога ќе обезбедиме ние докази за кој било без разлика на позицијата, на местото на кое се наоѓа, бидете уверени дека ќе преземаме дејствија согласно законот и надлежностите на тоа обвинителство. Никој нема да биде заштитен и лицата ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Се разбира дека има уште многу работа, дека дел од работата треба да завршат другите органи, можеби дел спаѓа и под Внатрешната контрола на МВР", рече Јовевски.
Проширување на истрагата за „Двојник“ најави и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Тој посочи дека во врска со злоупотребите при издавање на пасоши, ќе се прошири, без разлика дали се работи за структури во МВР или надвор, и без разлика колку високо ќе се дојде во хиерархијата на полицијата.
„Нема толеранција за ниту еден, кој сака нека е тој, и во стурктурите на МВР и во државата генерално. Секако, со партнерските служби работиме надвор од територијата на државата, при утврдување на идентитетите и при преземање на мерки против лица кои тие ги користеле", рече Спасовски.
Но, иако челниците и на МВР и на Обвинителството најавија проширување и нетолеранција, за сега нема обвинет од повисоките структури на МВР.
К. Додевска