Кајги мила,
Времево мутно, јас свежа, трет курир од сабајле испраќа муж и мислам дека уште бар двајца денес ќе испрати. Претерав, знам, ама се вадам на лежечкава положба. Ми рече ќе ми наместел кревет у офис да ме контролира колку пати ќе куцам картица онлајн. Трепкам со очиња и го предупредувам, шоуто само што започна, наскоро ќе бидеме дома 4 жени а он сакал нејќел, ќе мора да не трпи. Малку се шалам, освен во делот дека денес очекувам да стигнат повеќето од пратките што ги имам нарачано додека лежев во болница. Зара мислам дека веќе имаат вработено посебно некој да ми пакува нарачки.
Пред да почине баба си ја имаше озбилно сфатено работата дека ете, и се ближи крајот. Покрај тоа што ни подели со тетка ми се по пола, еден ден ме викна да ми даде тоа што ми следува.
-Ова ти е за мажачка бабино, да не отидам а да останам должна. - ми тутна едно купче - Ова ти е за школото, да учиш да доучиш, немој да оставаш школо! - додаде уште едно купче - Е ова е за оние што ќе ги носиш под срцето. И да дочекам да видам како ќе дипломираш, како ќе се мажиш, не верувам дека ќе дочекам твои дечиња, а баба е должна...
Стоеа така тие пари на куп сите, ги немав ни ставено во банка од пуста носталгија и жал да ги изгубам токму тие внимателно редени банкноти во купчиња и на нив напишано читко за што се. Не ми затребаа никогаш, иако помислував искрено да ги вложам во нешто што ќе носи нејзино име, но секогаш ги враќав во кутијата во која стоеа. Ги потрошив оние за на факултет за 20 дневна ексурзија низ Европа, од секое место купував сувенири и сите стојат покрај сликата од баба ми. Денес си ветив, парите не вредат ништо, вреди споменот на баба, мора да ги искористам за нешто за да го оживеам. Па така денес нарачав детски парк на една страница, цел парк во задниот двор, дури и табла со име нарачав, со нејзиното име, лулашки, лизгалки, качувалки, мрежи... Детската смеа да одекне до небото и таму горе до неа да донесе радост. Така само ќе знам дека нејзиниот сон живее, за најдобрата баба на светот, денес и е именден, нејзе и мене, нејзиното име. Слава ти нано!
Кога му ја кажав утрово идеата на сопруг за тоа како решив да ги искористам парите добив реакција која навистина не ја очекував, добив солзи чисти и сјајни. Се надевам дека не гледа од горе моја нана и дека се радува со мене, со овој прекрасен човек кој го имам до себе и овие 3 будалести срца кои чукаат под моето. Овој дождлив ден за мене донесе многу емоции. Овој дождлив ден посакав да бидат сите тие со мене, но знам дека горе високо над облаците ме гледаат и ми испраќаат многу среќа. Нана, папу, тато и мама, моите ангели