Многу ми е жал што слушам ваков третман на лица кои им е потребна реална помош и поддршка. Лекарствата можат само да направат репресија на суицидалните чувства, кои се симптом на емоциите и траумите кои ги има твојот пријател. Не можат да му помогнат на начин на кој длабински ќе го решат проблемот. Кога некој сака да се самоубие, најчесто е бидејќи чувствува болка за која перципира дека никогаш нема да престане, никогаш нема да се разреши и дека е сам и изолиран во болката што ја чувствува.
Значајно е да добие социјална поддршка (не од типот на: „не се самоубивај, животот е убав“, туку од типот на „разбирам дека така се чувствуваш, да би бил на твое место веројатно исто би се чувствувал, тука сум за тебе и со тебе“), значајно е да ја изрази својата болка (на пример пред психолог или пријател што активно ќе го слуша и разбира без осуда или преку пеење, свирење, цртање, пишување, танцување, викање итн.). Ако сакаш да му помогнеш, како пријател укажи му дека гледаш во колку голема болка е. Во справување со вакви ситуации многу е значајно луѓето околу личноста да не се однесуваат како нешто да не е во ред со личноста, туку да бидат безусловно присутни со моменталната состојба на личноста.
Нека се насочи на сегашниот момент и на блиската иднина. Од 5 минути за 5 минути, од пола час за пола час. Нека види што е тоа што може да го направи во наредниве 5 минути што ќе му даде чувство на олеснување, нешто што му е автентично пријатно (музика, прошетка во природа, некаков спорт, готвење, цртање, што и да е). Па пола час, па час, па цел ден итн. Нека престане да размислува за иднината или за минатото, нека престане да прави работи кои не сака да ги прави и нека го прави исклучиво она што му е желба да го прави. Значајно е да разбере не само когнитивно туку и искуствено, да има доказ дека болката е привремена состојба и не трае вечно.
Значајно е да се посети психотерапевт. Препорачувам да се посети психотерапевт кој е хуманистички ориентиран. Гешталт терапија како хуманистички правец е доста застапен кај нас.
Поздрав и секое добро.