SOUND OF METAL
Супер филмче! А ако земеш во предвид дека е деби на режисерот, дури и изненадувачки добро! Младиот музичар Рубен полека почнува да го губи слухот. За него е уште потешко да се справи со новонастанатата ситуација, зашто на некој начин - од тој слух заработува за живот. Без да слуша не може да свири, да настапува, да продолжи да живее онака како што живеел. Што е уште пострашно - тој е поранешен зависник од хероин, и иако чист 4 години, над него бдее заканата да се врати на старите лоши навики. Но токму тоа и најмногу ми се допадна овде: уште од почеток на филмот се плашев дека ќе има милијарда клишеа - дека можеби ќе и се врати на дрогата, или дека губењето на слухот ќе биде причина неговата девојка да престане да го сака и да го изневерува, или дека можеби повторно ќе проба да се самоубие (на рацете и се видливи траги од исекотини), и сл. Но ништо од тоа нема да се случи, за среќа! Ова е далеку поедноставно, и затоа далеку подобро филмче пред сѐ за прифаќањето на себеси. Рубен успева, сепак, со помош на една заедница финансирана од црквата, да го пронајде својот душевен мир и по огромната загуба, и на крај, ултимативно - да ужива во тишината!
Риз Ахмед е брилијантен! Него го памтиме од претходно во клубов, по Four Lions, предлог на
@Anon , но тоа беше комедија и таму не се гледаа баш неговите актерски способности. Јас го знам и по минисеријата на HBO - The Night Of, каде имаше сосема поинаква улога, и исто одлично доловена, но по оваа негова, трета трансформација, можам без двоумење да речам дека дечково знае да глуми! Годинава веројатно главен фаворит за Оскар за најдобар актер е Чедвик Босеман за Ma Rainey's Black Bottom, но пред некој ден го гледав тој филм, и мислам дека веќе пишав некаде дека ако го земе Оскарот, тоа дефинитивно во одредена мера ќе биде заради фактот што веќе не е меѓу нас, за жал. За разлика од неговата изведба таму, за Риз Ахмед дефинитивно не би имал замерки ако му ја дадат златната статуетка. Ете, една слична веќе доби - Gotham Award за најдобар актер. Тука до таа мера би бил Оскарот за него заслужен, зашто сметам дека на свои плеќи го носи буквално цел филм. Сите останати ликови, колку и да беа добри, по неговата изведба, се забораваат.
Но она што веројатно сите тука ќе го пофалат најпрво, воедно и најважното нешто во овој филм е звукот и монтажата на звук! Брилијантно! Се чувствував во секој момент буквално како да сум меѓу ушите на Рубен. Феноменално беше изведено и со моментите на неговото губење на слухот, подоцна и со звукот кој го слушаше по пуштањето во употреба на имплантот. Прејако!
Единствено, некако како да ми фалеше малку повеќе емоција во филмов. Не дека емоциите изостануваат, имаше и длабоко емотивни сцени, и плачки и сѐ, ама сметам дека можеше режисерот уште малку да го појача тој момент, за да биде сликата, бар за мене, покомплетна.
Обично избегнувам да давам пола оценки, и во клубот никогаш не сум го направил тоа, но за ова се двоумев меѓу 8 и 9. На LB му ставив 9, па ете, нека биде така и овде, мал попуст дека филмов е дел од клубов.