Хроника
Во Ѓорче уапсен скопјанец осомничен за убиство на словачки бизнисмен
December 20, 2020 22:58
Скопјанецот Горан С., осомничен дека пред десет години по нарачка егзекутирал бизнисмен во Словачка, e уапсен во четвртокот во Ѓорче Петров, дознава 24 Инфо.
МВР инфрмираше за приведувањето, но без дополнителни детали во врска со случајот, освен дека Г.С. се барал со потерница од Основното јавно обвинителство Скопје поради сторено кривично дело „убиство“ од чл. 123 ст.2 т.5 од Кривичниот законик. Приведениот е предаден во истражниот затвор „Скопје“.
Како што дознава 24 Инфо, скопјанецот е осомничен дека бил заедно со уште четири лица, кои се веќе осудени, но за него немало докази, ниту, пак, бил испитан од словачката полиција. Меѓутоа, од потерницата може да се види дека станува збор токму за убиство по порачка, за кое е предвидена затворска казна од најмалку десет години.
Според она што може да се прочита во словачките медиуми, скопјанецот го убил бизнисменот Јозеф Мишенка на 20 јули 2010 година во градот Тополчани. Мишенка бил 33 годишник, кој доаѓал од богато семејство, но и тој самиот важел за криминалец. За убиството се осудени Иван Скалички на доживотен затвор, Роналд Мишех, Милан Павловиќ, како и Роберт Трајков, викан Ѕвер, најверојатно со македонско потекло, тројцата осудени на по 25 години затвор.
Обвинет бил и бизнисменот Вилијам Мишенка, кој наводно го нарачал и финансирал убиството на внукот, но бил ослободен поради недостиг на докази. Сепак, тој е во моментов во притвор во Австрија за нарачка на екплозија во фабриката на мајката на Јозеф, снаа од братот на бизнисменот, во која загина едно лице. Бомбашкиот напад бил нарачан од Вилијам, кој сакал да ја снаата за да не сведочи против него во друг случај. Егзекутор во овој случај бил Скалички, кој за нападот бил осуден и поради тоа добил доживотен затвор за убиството на Мишенка.
Четворицата осудени во меѓувреме се жалеле на повисоките судски инстанци, но пресудите им се потврдени. Убиството го нарачал Павловиќ, кој ги ангажирал Трајков и Скалички. Мишех го обезбедил оружјето.
Она што е познато за убиството е дека Јозеф Мишенка бил убиен во осум часот наутро, додека се возел со својот автомобил „мерцедес“. Убијците биле во автомобил „шкода октавија“, која ја возел Мишех, а токму Горан испукал околу 30 куршуми во бизнисменот. Тие избегале со автомобилот, кој потоа го запалиле, а во него била пронајдена чехословачка верзија на „калашников“ со отстранет сериски број.
Дел од осудените барале да биде сослушан Македонецот, но тоа не се случило до сега, иако словачките власти барале од Македонија да го уапси и екстрадира осомничениот. Името Горан на судењата се спомнувало само како име на сведок, но новинарите по пресудата откриле дека станува збор за Горан С., кого полицијата го знаела бидејчи имал криминално досие во Словачка.
Скопјанецот Горан С., осомничен дека пред десет години по нарачка егзекутирал бизнисмен во Словачка, e уапсен во четвртокот во Ѓорче Петров, дознава 24 Инфо. МВР инфрмираше за приведувањето, но без дополнителни детали во врска со случајот, освен дека Г.С. се барал со потерница од Основното јавно...
24info.mk