Па дури и да емитува звучни и/или видео записи преку Интернет, со Docsis 4 кабелски Интернет ќе ги добие истите симетрични Интернет брзини кои би ги добил и преку оптички Интернет, а нема да мора да му се пуштаат нови кабли, туку само да му се даде нов рутер на користење.
Тоа е убавината на кабелскиот Интернет, каблите слободно може да бидат стари и 20 години - кај мене дома конкретно се стари 18 години - а само нова опрема треба да му се даде на корисникот за да добие побрз кабелски Интернет.
Само треба да им текне на А1 Телеком да се нафатат на таква инвестиција и да воведат Docsis 4 кабелски Интернет, не само што ќе му станат конкурентни на Македонски Телеком со таква инвестиција, туку и во најоддалечените села во кои нудат кабелска телевизија ќе можат да нудат Docsis 4 кабелски Интернет со симетрични Интернет брзини исто како и кај оптичкиот Интернет.
Ако ме прашуваше некој мене пред октомври 2017, ќе речев дека оптичкиот Интернет нема конкуренција. Но откако беа воведени техничките спецификации и стандарди за Docsis 4 во октомври 2017, слободно можам да кажам дека за кабелските оператори Docsis 4 е поисплатлива инвестиција отколку оптичкиот Интернет. Секако дека ќе мораат да продолжат да инвестираат во оптичка телекомуникациска мрежа, но во случајот со Docsis кабелскиот Интернет, оптичкиот кабел не завршува кај крајниот корисник, туку завршува во најблиската локална телекомуникациска централа, од каде што Интернет сигналот продолжува и завршува кај крајниот корисник преку коаксијален кабел.
Особено во Македонија, каде што корисниците се претежно несериозни - безброј пати сум се враќал кај корисници кои се жалеле на лош оптички Интернет, за да испадне дека го превиткале оптичкиот кабел, а оптичкиот кабел многу лесно се оштетува и се кине при превиткување - коаксијалниот кабел е поиздржливо решение, ем не може да се исече со обичен нож или со ножици како оптичкиот кабел, ем не се кине така лесно при превиткување или ако му ставиш мебел или било што тешко врз самиот кабел. Кај мене дома имам превиткан коаксијален кабел, па си работи одлично повеќе од 18 години.
Секако дека оптичкиот Интернет е најисплатлива инвестиција на долг рок, но од економска гледна точка, многу поисплатливо за кабелските оператори е да копаат и да пуштаат подземни црева и доводни оптички кабли до локалните телекомуникациски централи, па од таму да продолжуваат и да завршуваат кај крајните корисници со коаксијални кабли, особено со Docsis 4 кабелскиот Интернет кој ги нуди кристално истите симетрични Интернет брзини како и оптичкиот Интернет.
Коаксијалниот кабел е полесен за одржување во случај на кинење, додека оптичкиот кабел бара ептен внимателност и грижа, тоа е една од главните причини зошто постарите техничари вработени во Македонски Телеком - не во приватните фирми подизведувачи, туку во Македонски Телеком, баш тие со решение за работен ангажман на неограничен временски период - не сакаат да работат на оптичката телекомуникациска мрежа на Македонски Телеком. Прифаќаат налози за менување на неисправна опрема или за местење на дополнителна опрема, како на пример втор/трет/четврт/петти рисивер, но бушење по станови и спроведување на оптички кабел, или отстранување на пречки од типот на лош сигнал или скинат оптички кабел, за нив е исто како и темјан за ѓавол, бегаат веднаш во 5-та брзина од такви налози.
Ако им текне на А1 Телеком да инвестираат во Docsis 4, еве добар пример како ќе го престигнат Македонски Телеком: во 2016 година во Радишани, тогашен Вип поставуваше подземни црева и доводни оптички кабли до нивните тамошни локални телекомуникациски централи.
Македонски Телеком најверојатно ќе почне да ја проширува својата оптичка телекомуникациска мрежа кон Радишани во 2021 година, веќе го имаат покриено Бутел 2 и повеќе од половина Бутел. Но доколку А1 Телеком воведат Docsis 4 во 2021 година, веднаш ќе можат да почнат да нудат Docsis 4 кабелски Интернет во Радишани со симетрични Интернет брзини исто како кај оптичкиот Интернет, а нема да мораат да пуштаат нови кабли. Доколку А1 Телеком имаат пуштено доводни оптички кабли и до своите локални телекомуникациски централи во Скопска Црна Гора, со Docsis 4 кабелски Интернет ќе го престигнат Македонски Телеком и таму и сигурно ќе бидат ненадминлива конкуренција барем во наредните 2 години, ако не и подолго - во зависност од тоа кога Македонски Телеком ќе ја прошири својата оптичка телекомуникациска мрежа кон Скопска Црна Гора.
Но останува прашањето дали воопшто ќе им текне на А1 Телеком да воведат Docsis 4 кабелски Интернет или ќе се фокусираат исклучиво на проширувањето на нивната оптичка телекомуникациска мрежа - што секако дека е најисплатлива инвестиција на долг рок, но во меѓувреме, на краток рок, најисплатлива инвестиција би им било воведување на Docsis 4 кабелски Интернет.
Доколку имаш техничка можност за поврзување со оптичката телекомуникациска мрежа на Македонски Телеком, А1 Телеком или Неотел на твојата адреса на живеење, оптичкиот Интернет ти е најдобрата опција. Доколку оптичката телекомуникациска мрежа на Телекабел е достапна на твојата адреса на живеење, слободно отпиши ги, за нив само поплаки се имам изнаслушано.