Се трудам да пишам пост околу оваа ситуација, но се ми е ептен конфузно. Сакав и порано да пишам, ќе го скокнам воведот март-септември и директно ќе го пишам личното искуство со корона. Однапред се извинувам за долгиот пост, сакам да кажам дека иако ги почитував мерките, ако ти дојде редот за заразување, нема спас.
25-26.09 имав некое затнување на носот, ама не обрнав внимание - си викам идиот, возеше точак во 6 сабајле со кратки панталони, недоволно облечен. Mи траеше тоа два-три дена, имав опција да работам дома и не беше страшно. Ми се среди горе-доле ситуацијата, на работа ме извикаа нешто итно и на 01.10 се вратив.
На 02.10 сестра ми испаѓа позитивна на Covid (без сиптоми, имала еднаш температура на 23.09 од 37.2 и во фирмата кај што работи имало заболени од Covid - со нив немала контакт) и тоа ми е прв директен контакт со некој кој се заразил.
На 03.10 се тестирам и шок - и јас позитивен, сопругата и син ми не се позитивни (олеснување). Да напоменам дека дента кога се тестирам се чувствувам (повеќе од) одлично и немам никакви сиптоми. Јебига, кај моите родители има вишок соба, се изолирам кај нив. Дополнителен стрес е што во тие два дена на работа имам околу 20-25 остварени контакти (среќа ниту еден позитивен). Со оглед на цела ситуација не паднав многу психички, но се' уште не ми е јасно иако јадев барем по три квалитетни оброци, дневно симнував по 1 килограм - ок, секако имам нешто вишок.
На 05.10 добивам решение - ако немаш сиптоми по 10 дена од тестот си слободен, син ми и жена ми иако негативни, си добија награда од 14 дена во изолација, не развија сиптоми до крај.
Со оглед на тоа што немав сиптоми не ми препишаа којзнае што од матичен, само витамини, многу течности, некој сируп за имунитет. Лесно ја поминав изолацијата, единствен проблем е тоа што од 8.000+ чекори и 10 км точак дневно, се симнав на околу 500 чекори дневно и почна да ми влијае на телото - укоченост.
На 12.10 треба да ми заврши изолацијата, матичниот ми вика јас поднесов се, чекам од ИЈЗ - и тука се судруваш со македонската бирократија, дел од телефоните кои се оставени за контакт се недостапни, на телефонот што е директно за ковид од ИЈЗ ми се јави некој шипо и ми кажа „ја не знам“, сакам да кажам, не дај боже да имаш некој сериозен проблем, овде ништо не функционира.
На 13.10 конечно добив некој од ИЈЗ, ми кажа дечко слободен си, за пола саат известуваме полиција.
Од лично искуство и од искуство со неколку луѓе кои се испозаразија во меѓувреме, ова препишуваат докторите
-Витамин D3, C 1000, E 400,
-Селен,
-Цинк,
-Бета глукан со Ц и цинк,
-Аквамарис за нос,
-Магнезиум и Б6,
-Протеинска храна,
-Ако имате потешки сиптоми Сумамед до две дози + Панцев,
-Парацетамол за симнување температура (некои дозволуваат и бруфен, некои кажуваат дека е штетен).
-Се разбира многу течности
Од клиент кој е производител на чаеви ми ги препорача следните за зајакнување на имунитет: Ајдучка трева, планински чај, диво оригано, мајчина душица и ехинацеа. Со тоа што ми кажа дека првиот од ајдучка трева е одличен, само да не се претерува со многу пиење ако си здрав - по една чаша дневно (или преку ден).
Ете, јас имав лесно патешествие со оваа болест, се надевам вие воопшто нема да имате, а ако имате да ви биде како моето искуство. Ако се заразите не паѓајте психички, не се обвинувајте и не се оптоварувајте со тоа од каде сте закачиле Covid. Ако сте ги почитувале мерките, значи сте направиле се во ваша моќ за да останете здрави.
Вчера на пример, додека пазарев во КАМ една повозрасна жена две-три минути го фаќаше грозјето за да си ги избере најдобрите два грозда. Друга повозрасна жена си ги лижеше прстите за да отвори кеси.
Значи сами од себе си патиме - нашата некултура/недисциплина, нашите политичари кои дозволија глупости и од земја која беше меѓу оние со најрестриктивни мерки несакајќи дојдовме до ситуација која оди кон колективен имунитет.