Еве една „ценовно чувствителна“ информација во врска со Пекабеско, а којашто еднакво се однесува и на сите други акции:
Како шок за мене дојде веста пред околу две недели дека во спорот кадешто како мали акционери го тужиме Пекабеско за поништување на одлуката на Слободан Кутревски да му се исплати награда од 1,2 миљони евра, судијката Мирјана Николовска-Калчиноска од Основен суд Скопје 2 донела првостепена пресуда дека ние како мали акционери не сме имале правен интерес да тужиме! Ова е особено сомнително затоа што судот веќе ја прифатил тужбата како основана, пошто не може никому тукутака да му текне да тужи било кого дека му должи пари и да го влече по судови. Дополнителен сомнеж фрла што подоцна во спорот има додадено и замешувачи (трети страни коишто имаат правен интерес тужителот да успее во спорот). И покрај ситните недостатоци во водењето на спорот, сметам дека страната на тужителот во текот на постапката ги има детално аргументирано своите наводи, а судијката дури и не одлучила мериторно дека одлуката за исплата е законска, туку процедурално дека немаме правен интерес, што секако остава огромен простор за основан сомнеж дека имало корупција.
Доколку ваквата скандалозна пресуда биде потврдена по жалбата на Апелационен суд, тоа ќе значи крај на малото акционерство во Северџанија! Веднаш ќе може да се очекува Кутревски да си го вади сиот кеш изгласувајќи си вакви награди, а истото ќе го прават и сите други директори коишто со своја екипа од само 10-20% акции ја контролираат фирмата и никој од малите акционери нема да може да се жали затоа што веќе е пресудено дека нема да имаат правен интерес. Ќе фрчат милионски награди за менаџментот коишто тие подоцна ќе си ги делат со пајташите, а малите акционери ќе си остануваат со прстот во уста!
Уште поедукативен ќе биде и описот на организирањето на малите акционери, како и однесувањето на некои повидни членови на форумот, ама за таа човечка димензија на овој процес во некој иден пост.
Воглавно, секогаш е подобро за послабата страна да ја вклучи јавноста и да ги информира сите клучни општествени чинители дека ова се случува, затоа што ако остане да се решава зад кулиси, тоа ќе им даде слобода на моќниците и митаџиите да донесат каква сакаат одлука без последици! Кога ќе се насочи рефлекторот на јавноста кон Пекабеско, можеби потрошувачите ќе одлучат да купуваат повеќе производи откако ќе ја запознаат корпоративната култура во компанијата. Многу подобро ќе беше Кутревци да го прифатеа конструктивниот пристап кадешто ако малите акционери добијат еден прст, тие ќе добијат цела рака, меѓутоа сега сум поблиску до мислењето дека треба да се заземе деструктивен пристап кадешто малите ќе си исечат еден прст, а ним метафорички да им се исече рака.