Сколари доби 250 милиони фунти за новиот Челзи
Роман Абрамович е познат како газда што секогаш ги исполнува желбите на своите тренери, барем во почетокот на соработката. Така, рускиот милијардер ги ангажираше буквално сите фудбалери што Жозе Мурињо ги побара од него во првите две години од престојот на Португалецот на кормилото на „Стемфорд бриџ“. Потоа, кога веќе соработката со Мурињо беше прекината, Абрамович плати 15 милиони фунти за да му го доведе најпосакуваниот фудбалер на новиот менаџер Аврам Грант, францускиот репрезентативен голгетер Николас Анелка.
Анелка воопшто не ги оправда очекувањата ниту на Грант, ниту на Абрамович, но израелскиот стратег не може да се жали бидејќи го доби токму она што го посакуваше.
Сега кога на Грант му беше врачен отказ и на негово место веќе беше ангажиран Луис Фелипе Сколари, јасно е дека Абрамович ќе биде максимално великодушен кон бразилскиот стратег, особено кога станува збор за фондот за трансфери за овој преоден рок. Според весникот „Дејли стар“, Русинот му порачал на Сколари воопшто да не жали пари при преговорите за најнови засилувања бидејќи на располагање ќе има неверојатни 250 милиони фунти. Со оглед на фактот дека Челзи и онака има одличен тим, ќе биде интересно да се види како и во колкава мера Сколари ќе ги искористи овие пари.
Голмани
Ова е можеби единствената позиција каде што на Челзи не му се потребни никакви засилувања. Петр Чех е несомнено еден од најдобрите голмани денес, без оглед на големата грешка на клучниот меч од ЕВРО 2008 против Турција. Неговата резерва Карло Кудичини можеби и ќе си замине од „Стемфорд бриџ“, но во тој случај Сколари ќе може да смета на португалскиот ветеран Хиларио, кој е сосема солиден за да ја пополни резервната позиција.
Одбрана
Главен проблем за Сколари во овој дел од тимот е убедувањето на Рикардо Карвалјо да остане на „Стемфорд бриџ“ и да потпише нов долгогодишен договор со Челзи. Според последните информации, тоа нема да се случи и токму затоа „сините“ веќе го вратиле својот дефанзивец Алсидес од позајмицата во ПСВ Ајндховен. Во отсуство на Карвалјо се очекува многу поголема шанса да добие Бразилецот Алекс, но несомнено е дека Сколари ќе инсистира на ангажман на уште еден централен одбранбен фудбалер од светска класа. Филип Мексес од Рома е многу интересна опција за Челзи, исто како и Кристијан Киву, кој лесно би можел да стане достапен доколку Карвалјо реши кариерата да ја продолжи во Интер.
Челзи веќе се засили на позицијата десен бек со ангажманот на одличниот Босингва од редовите на Порто, додека на левата страна Сколари на располагање го има стандардниот англиски репрезентативец Ешли Кол.
Среден ред
Една од првите работи што Луис Фелипе Сколари ја побара од Роман Абрамович беше да му биде доведен Деко на „Стемфорд бриџ“. Тој трансфер се реализираше пред неколку дена, но според информации од Португалија, Деко нема да биде единственото големо засилување за средниот ред на Челзи. Португалскиот репрезентативец Мутињо, кој одигра одлично на натпреварите од ЕВРО 2008, се споменува како можно засилување на „Стемфорд бриџ“, исто како и одличниот холандски репрезентативец Рафаел ван дер Варт. Ангажманот на Деко според многумина по автоматизам значи и разделба со Френк Лампард, кој ќе му се приклучи на Жозе Мурињо во Интер. Од оние чие заминување е веќе најавено тука се и Стив Сидвел (се наоѓа пред трансфер во Астон Вила), Шон Рајт-Филипс (најблизу е до враќање во Манчестер сити) и Флорен Малуда, за чии услуги се најзаинтересирани челниците на Барселона.
Напад
Имајќи го предвид стилот на игра што го претпочита Луис Фелипе Сколари, Челзи во следната сезона сигурно ќе настапува со еден класичен и двајца странични напаѓачи. Затоа, за очекување е најголемиот дел од парите што му се дадени на располагање Сколари да ги потроши токму на ремонт на навалната линија, што минатата сезона не функционираше најзадоволително.
Шпекулациите за мегапонуда до Ливерпул за услугите на Фернандо Торес беа отфрлени од челниците на „црвените“, по што за очекување е Челзи вниманието да го насочи кон Давид Вилја, најдобриот стрелец на ЕВРО 2008. Во случај да не успее да се договори со Валенсија, Сколари своите погледи ќе ги насочи кон Клас Јан Хунтелар, кој веќе најави дека летово ќе го напушти Ајакс. Од офанзивните крилните фудбалери што во моментов ги има во тимот, Сколари е задоволен само од Џо Кол, па нормално е што новиот менаџер на Челзи планира ангажман на најмалку две засилувања на овие позиции. Португалскиот репрезентативец Рикардо Кварезма се наоѓа на врвот на желби на Челзи, чиј газда без никакви проблеми ќе ја плати отштетата од 30 милиони фунти што ја бара Порто. На лично барање на Роман Абрамович се водат и преговори со Зенит за трансферот на рускиот репрезентативец Андреј Аршавин, додека Сколари не ја крие желбата на „Стемфорд бриџ“ да го донесе и Роналдињо. Не смеат да се заборават ниту преговорите што „сините“ веќе ги стартуваа со Реал Мадрид за трансферот на Робињо, така што Челзи дури и без Дрогба во тимот, следната сезона сигурно ќе има неколку елитни гол-мајстори во своите редови.
Ајде една „фина“ анализа од „Шпиц“