“Мирор”: Липи замена за Грант во Челзи
Италијанецот Марчело Липи е најблизу до менаџерската позиција во лондонски Челзи, соопштува весникот “Мирор”.
По вчерашниот отказ на досегашниот менаџер на Челзи, Аврам Грант во медиумите на големо почна да се шпекулира за негов наследник, а како потенцијални кандидати се споменуваа имињата на Холанѓанеот Гус Хидинг и Швеѓанецот Свен Горан Ериксон, но според неделното издание на “Мирор” најблиску до овој ангажман е италијанскиот стратег Марчело Липи.
Липи е без работа скоро две години, откако на Мундијалот во Германија со својата земја Италија стигна до титулата светски шампион. Самиот Липи неодамна во интервју за италијанска телевизија потврди дека во претстојната сезона ќе си најде нов ангажман во фудбалот.
Како што е познато, вчера сопственикот на Челзи, Роман Абрамович го ослободил од обврските во клубот досегашниот менаџер Аврам Грант, откако “сините” од Лондон сезонава останаа без трофеј.
Автор на веста: Нетпрес
Објавена на 25.05.2008 14:04:16