ЕПИДЕМИЈАТА ЈА СНЕМУВА
Животот во Кина полека се враќа во нормала (ФОТО+ВИДЕО)
Додека продавниците во Европа и САД ги затвораат вратите, во Кина наглиот пад на новозаразените ги охрабри купувачите да се вратат во трговските центри и рестораните. Драконските мерки, кои се чини дека ја намалија епидемијата во Кина, постепено се олабавуваат.
„Гледај! Колку голема риба!“, радосно извика Динг Шиџиу откако улови крап од езерото каде што обично оди на риболов.
Седејќи под едно дрво полно со пролетни цветови на топол ден, Динг конечно може да лови риба со старите пријатели - нешто што не беше во можност да го стори откако пандемијата на коронавирус во јануари почна да ја пустоши цела Кина, а во градовите и провинциите низ целата земја беше воведен карантин.
„Последните два месеци се чувствував надреално, а, верувајте ми, имам скоро 70 години и сум видел многу работи“, рече Јанг покажувајќи кон пријателите и не можејќи да ја прикрие својата возбуда што повторно ги гледа.
„Но сите сè уште сме живи и само сум многу среќен што најлошото помина. Ова е првпат да дојдам на риболов на ова езеро од Лунарната нова година - многу сум среќен“, рече Јанг со насмевка, пред да се обиде да намами уште една риба.
Како и многу луѓе во Кина, Јанг последниве два месеци скоро цели ги помина дома, бидејќи централната власт воведе невидени карантински мерки низ целата земја во драстичен обид да го спречи ширењето на ковид-19, болеста предизвикана од вирусот. Централната провинција Хубеи и нејзиниот главен град Вухан, од каде што се смета дека потекнал вирусот, беа целосно запечатени.
Откако дневниот бројот на случаите на ковид-19 потврдени во странство ги надмина оние во Кина, драконските мерки што се чини дека ја задушија епидемијата дома - особено надвор од Хубеи - постепено се олабавуваат.
Низ целата земја, 13 од 34 провинции во Кина веќе немаат заразени, а дома се пуштени приближно 69.000 од 81.000 потврдени случаи.
Олеснување на притисокот
Дури и во Хубеи, каде што остануваат околу 10.000 случаи, притисокот врз медицинските работници во првите борбени редови е олеснет. На 17 март, првата група од скоро 4.000 медицински работници што беа уфрлени во Вухан за да помогнат во контролата на епидемијата, можеа да си заминат.
Толку многу провинции ги укинаа нивоата на тревога што Кина полека - и претпазливо - се враќа во нормалниот живот.
Часовите постепено продолжуваат откако повеќето ученици го поминаа минатиот месец дома и учеа преку интернет. Во провинциите определени како „низок ризик од инфекција“, вклучувајќи ги Гуижоу, Кингхаи, Тибет и Синџијанг, локалните власти овој месец им дозволија на образовните институции да продолжат со часовите.
Во меѓувреме, фабриките на кои им беше наредено да го прекинат работењето, исто така, почнуваат да ги придвижуваат своите производствени ленти по она што многу сопственици на мали фирми го опишаа како нешто слично на „претсмртно искуство“ за нивните компании.
Според најновиот извештај објавен од Националното биро за статистика на Кина, во јануари и февруари, во пикот на епидемијата во земјата, индустриското производство на втората по големина економија во светот падна на најниската точка од 1998 година, а стапката на невработеност се искачи на повеќе од 6 проценти, што е највисоко откако се води евиденција.
Прекинот турна многу фирми на работ на банкрот, но откако мерките за карантин се олабавија, многумина се подготвуваат за враќање на производството.
Суровата цена што епидемијата ја наметна во животите на луѓето, исто така, се чини дека се намалува.
Ченгду, позната по гастрономијата и гурманлакот, сега има само десетина заразени, а провинциската влада соопшти дека не се откриени нови случаи во текот на изминатите три недели.
Тоа дозволи постепено повторно да се отворат рестораните, иако луѓето остануваат претпазливи.
Во видеата споделени на интернет се гледа како пред рестораните се враќаат муштериите - со маски и на безбедно растојание едни од други.
Патувањето постепено се враќа
Освен јадењето надвор, луѓето постепено си ја враќаат и можноста за патување. Многу провинции и градови стабилно го продолжија својот јавен превоз, кој профункционира дури и во Хубеи.
За време на најтешката фаза на епидемијата, беа затворени 1.119 влезови и излези на автопатите низ целата земја. Сега се отворени сите освен два, според државниот медиум Синхуа.
Стотици претходно затворени патишта во окрузите, градовите и провинциите, исто така, повторно се отворија. Националната патна мрежа „во основа работи нормално", а 28 провинции го продолжија меѓупровинцијалното патување, објави Синхуа.
Од 12.028 здравствени и карантински станици поставени на автопатите, 11.198 се отстранети.
Исто така, се намалува и бројот на вестите за епидемијата. Кон крајот на јануари и февруари беше тешко да вклучите телевизија или да отворите мобилен телефон без постојано да бидете изложени на вести за коронавирусот - но откако епицентарот се префрли во Европа, на кинеската телевизија повторно се појавуваат многу забавни емисии.
„Сега можам да гледам нешто на ТВ што не е за коронавирусот, а тоа беше незамисливо минатиот месец“, вели Зенг Јунру, жителка на Вухан. „Интересно е тоа што се чини дека сите заборавивме каков беше нашиот живот пред вирусот“.
Фризерниците се отвораат, парковите повторно ги пречекуваат туристите, работниците-мигранти се враќаат на своите работни места - несреќата што толку комплетно го наруши кинеското општество сега бледнее.
Додека животот почнува да се враќа во нормала, експертите се загрижени дека сè уште постои ризик и дека штом ќе се укинат широките мерки за карантин, Кина ќе биде погодена од втор бран зараза, особено затоа што коронавирусот сега е глобална пандемија и увезените случаи се почести од локалните.
Кина во понеделникот пријави само еден нов домашен случај на коронавирус, во Хубеи. Дваесет други случаи беа патници што дошле од странство.
„Мислам дека никој не вели дека епидемијата завршила - само дека се чини дека најлошото помина“, вели Зенг. „Она што сега можеме да го сториме е сè уште да вежбаме социјално дистанцирање и полека да ги враќаме нашите животи во нормала“.
Додека продавниците во Европа и САД ги затвораат вратите, во Кина наглиот пад на новозаразените ги охрабри купувачите да се вратат во трговските центри и рестораните. Драконските мерки, кои се чини дека ја намалија епидемијата во Кина, постепено се олабавуваат.
www.mkd.mk