Интересно е што за многу жени и мажи имањето деца претставува составен дел од градењето соодветен „имиџ“ за успешен и исполнет живот - некакво образование, некаква работа, свадба, па деца (можеби не по тој редослед, ама така некако). Треба да се задоволат критериумите на средината и да се излезе в пресрет на сите оние загрижени тетки, стрини, (не)добронамерни комшики и други стројници.
Дете ко дете, што. Смени му пелени, дај му да цица и пушти му цртани. Ќе го чува баба, па другата баба, па во градинка. После Господ ќе го чува. Ама затоа од него се очекува (барем кај нас некои очекуваат) да ги догледува старите родители, кои обично создале механизми како да му го задржат вниманието на сопственото дете, посебно ако ова и на 40+или 50 години не успеало да се снајде, па е позависно од џанкер со натпросечни потреби.
Не знам зошто некои жени не сакаат да станат мајки. Прво, не сум жена. Второ, секоја има своја приказна, причини, образложенија и/или оправдувања. Трето, зошто секоја жена би била скроена да биде мајка и обратно мажот - татко? Според мене, доблест е ако личност реално оцени дека е неспособен за родител и одлучи да не уништи иден човечки живот или животи.
Одгледувањето дете бара исклучителна посветеност, постојано внимание и љубов. Бара разбирање, сочувство и голема трпеливост. Не секој го може тоа. Некој/а куче ќе купи и по еден месец ќе го „ослободи“ на другата страна од градов, пошто е обврска.
Во целост се согласувам. Од оние кои ги познавам а имаат деца, можам да речам дека околу 70% родиле како резултат на долготрајно индоктринирање од најрана возраст дека ако немаат не направиле ништо во животот.