Ја одбрав темата за мојот прв пост
Јас би го рекла следново. Сама сум и никој не е виновен за тоа, ниту јас, ниту било која личност од спротивниот пол. Вообичаено она што ве боли, ви претставува несигурност или ви е одличен изговор го посочувате како главниот проблем зошто работите се такви какви што се, а тоа можам да го забележам по многуте објави што ги прочитав овде.
Постојат три вистини,
мојата, твојата и онаа правата. Ако го аплицирам тоа овде, вака би дошло: зошто една потенцијална или постоечка врска не успеала и поради тоа сум уште сингл се должи на мојата перцепција за ситуацијата и неговата, меѓу кои секогаш има разлики, баш зашто се перцепции и се одраз на нас самите. Но, колку и да дрндаме зошто не биднало нешто, на крајот победува правата вистина - не сме биле еден за друг или еден за со друг, како сакате. Затоа и веќе не се објаснувам на долго и широко за овие ситуации. Нема лутиш во сето тоа, најдостоинствената работа што можеш да ја направиш е да бидеш на чисто со човек, работата е што на нас луѓето ни е вградено да држиме дистанца и реално малку да глуматаме на почеток од пуста желба некој да нè сака и мислам дека од таму ни се дел од фрустрациите. Како човек созрева, гледа дека тоа е губење на време и затоа кога сте позрели, овој чекор треба да го скокнете.
На тема фрустрации...
Кај жените го имате следново: женско многу често мисли дека ако е да речеме послаба, поатрактивна, позаводлива би имала поголем успех, но ете реално не е таква по природа и фиктивно создава мислење дека пошто се облака најнормално, не е фитнес модел, лесно ќе ја откачат за овие другиве. Работава е што сите ги откачуваат - и најубавите, најслабите, најатрактивните. А знам добар дел примери на девојки што и се полнички, сосем скромни, ненаметливи, а кои се во прекрасни врски и бракови. И сега проблем нели? Иди објасни го тоа на некоја што си зацртала дека пошто е помалку атрактивна (во нејзината глава), нема среќа.
Кај мажи статусот и материјалното се комплекс. Пошто не му оди некое време, изговорот ќе го најде во: трчаат по пари, не сум бараба, не сум најгласен во кафана, немам скапа кола, дрн дрн. И вообичаено на таквите ликови кои постојано го посочуваат ова како проблем (да се разбереме знам супер момци што се сами и никогаш не рекле дека се сингл зашто жените трчале по пари, сигурност...) им го велам истото: дали твоите другари имаат девојки/сопруги што трчаат по пари? Океј ли се како луѓе? И речиси секогаш добивам ист одговор, дека девојките, сопругите им се навистина добри личности. И сега проблем и тука, нели? Ти си еднорогот во друштво.
Правата вистина е дека нема едно објаснување. Животните ситуации на луѓето се комплицирани за да ги поедноставите на изгледам вака и затоа сум сама или немам кола затоа немам девојка. Но, на луѓето им е полесно, ако си најдат објаснување што според нив има логика. Пострашно е ако речеш: немам поим зошто сум сам/а?
Не е тешко да се најде партнер, тешкото е да најдете адекватна личност за себе (во поголемиот дел, бидејќи комплетна компатибилност не постои). Многу работи треба да се во прилог за да си ја најдете личноста за себе, да кликнете, да има хемија, теми на разговор и и двајцата да сте сингл и да сакате да сте заедно. Сум била на состаноци со луѓе кои се океј, но едвај сум чекала да си отидам дома. Не се они виновни, туку не се компатибилни со мене. И сигурна сум дека и јас сум била гледана на овој начин на некој состанок - нема лутиш тука, ако не бива, не бива. Но, не ги зацрнувам поради тоа. Има и такви ликови што сум ги среќавала, за кои точно знам зошто се сингл, но они не се свесни за тоа. Имаат лош манир на однесување, што не го согледуваат, но бидејќи јас не си земам за право да оправам некого, оставам времето да им покаже каде грешат.
Е сега, општо земено, модерното време, носи модерни проблеми и затоа не можеме да се објасниме со постарата генерација (родители, уште потешко со баби и дедовци), зошто немаш никој, а веќе ти е време (според нивните стандарди, бидејќи во нивно време било така). Смешното е што: сите инволвирани истовремено се во право и не се, зашто работата ја гледаат од своето време и перцепција. Она што родителите го паметат од своето минато, во никој случај не може да се примени денес. Мајка ми и татко ми не се додале на Facebook, не се манијачеле на Instagram, тогаш ретко кој имал повеќе од една долга врска. Првата долга врска по дифолт била брак и тоа пред да наполнат 25. Сега докај 25 учиш (па и повеќе во некои професии), реално знаеш дека не си спремен за деца на 25 и границата се поместува. Родителите имаат поголем проблем со ова, одошто децата.
Ние сме генерација (мислам на родените во 80-ти) која е израсната со бајки, а воедно и сака/треба/мора да рационализира. Но, овие две работи сами по себе се судираат. Требаат години за да видиш дека животот врска нема со бајките и пошто си видел дека Пепелешка го нашла принцот, не си видел ни сегмент од реалноста, односно што значи да си по цел ден со човек по дома, караници за перење, сметки, кредити, раскревање облека, па некој рекол едно, другиот сфатил којзнае што, па зошто твоите нон стоп се кај нас, брат ти не ми се свиѓа итн итн. Онака, ситници и големи нешта што комплетно го уриваат меурот на илузијата. Овде веќе треба да настапи рационализацијата: зрела личност треба да знае дека пеперутките се губат, но ако сте ја одбрале правата личност, нема да се изгубите еден со друг. Тоа е приказна што се надградува. Јас тоа сакам да го најдам за себе.
Сметам дека доволно добро умеам да расудувам и затоа ниту една пропадната врска не сум ја злоупотребила за да зборувам лошо за другиот (не дека не ме третирале лошо некогаш). На крајот од денот, јас сум ја одбрала таа личност и тука завршува муабетот. Но, баш и заради принципи до кои се држам нема да наведувам човек дека има шанси да биде нешто, кога реално нема, ниту никогаш не сум побарала бивши дечко откако сме раскинале. Времето и емоциите на човекот се скапоцена работа, јас сигурно нема да си играм со тие работи, а не сакам ниту мене некој да ми го прави тоа.