Морав да го продолжам муабетот од темата за Саемот некаде, а оваа тема ми делува како најдобра за генерална дискусија околу книжевноста, па ајде тука:
Во емисијата беше наметнат ставот дека тука, кај нас ни се сервирала книжевност од Србија и истата била помпезно промовирана, додека нашите автори не биле застапени таму, т.е. не биле преведени на српски јазик и затоа никој не знаел за нив. Одговорот на Саздов беше дека ние сме биле помала земја, и дека не сме биле тие кои наметнувале нешто, туку нам секогаш ни било нешто наметнато. Јас не би се согласил со тоа. Да го оставиме на страна фактот што навистина мал број на наши автори се преведени на странски јазици. Проблемот за тоа лежи во малиот пазар кај нас и непостоењето на големи издавачки куќи како едни Лагуна или Вулкан во Србија кои навистина вложуваат многу. Вложувањето е во смисла на професионализам при промовирањето на нивните изданија - тие имаат продажни агенти, и луѓе кои се грижат за дел од нивните автори да бидат промовирани во странство и издадени на други јазици. Кај нас тоа го нема. Убаво рече Фросина - нам не ни фалат мецени, ни фалат агенти, зашто кај нас таа работа ја работат или издавачите, или самите автори, и невозможно е да се постигне се. Да се вратам на мислата: да се задржиме само на оние автори кои се преведени на странски јазици, ете, да земеме - српски. Одиме по ред:
Едно дело кое навистина последниве години направи бум кај нас е збирката раскази „Мојот маж“ од Румена Бужаровска. Мислам дека истата доживеа 5 или 6 изданија кај нас, што се околу 2500 продадени примероци, што за наши услови не е воопшто мала бројка. Истата беше објавена и на српски. Отворив goodreads за да проверам нешто, и се запрепастив кога видов дека соодносот помеѓу коментари на српски и коментари на македонски за истата книга е 39:7, ако избројав точно. Да, Србија е навистина поголема држава, има повеќе жители, но кај нив збирката раскази немаше 5 изданија и што е уште поинтересно - не е нивна, туку е преведено дело од за нив странски автор. А гледате колку нив повеќе ги поттикнало да пишуваат за неа, отколку нам, иако е наша.
Втора таква книга, со сооднос 36:5 (36 коментари од странски читатели, а само 5 од наши) е романот „Резервен живот“ на Лидија Димковска, кој, со оглед на тоа што ја зеде наградата за литература на Европската унија, беше објавен на повеќе јазици и во многу земји од Европската унија. И истиот поттикнал 7 пати повеќе од тие, странските читатели, отколку од нашите, да напишат некаков коментар.
Заклучок од ова, може малку е банално да се изведе, но кога би можел нешто да срочам, вака би изгледало:
1. Или ние немаме развиена читачка култура;
2. или не ги почитуваме доволно своите автори, и нашата книжевност, на сметка на туѓата.
Или, што е уште пострашно, а за што верувам дека сум повеќе во право:
3. кај нас луѓето не читаат зашто сакаат да читаат, туку само земаат книга в раце за да бидат видени дека божем читаат. Ете, најпрост пример за тоа се тие групите по фејсбук на кои се натпреваруваат кој полична слика од книга со јорговани или кафе до неа ќе објави, неважно каква е содржината на книгата, зашто сигурно никој кој ја сликал нема да ја прочита. И по можност, книгата да е со што пошарена и посветкава корица, или со некој полугол мускулест маж сликан нагоре или полуголи нозе на некоја девојка на штикли, сликана надолу, на корицата. Баш се пошегував со една пријателка на саем, велејќи и - јас таквите штандови и таквите книги со толку шарени корици со „све ми боје лепо стоје“, ги одбегнувам.
Е сега и јас ко Мишко, на крај 500 теми начнав, но веројатно ќе сфатите што сакав да кажам.