Славковски: Ќе играм за Македонија
Своето деби големата надеж на Интер ќе го има на средбата против Естонија
Емил Китановски
Големата надеж на Интер, Горан Славковски,
дефинитивно ќе ги брани боите на младата фудбалска репрезентација на Македонија на преостанатите две квалификациски средби против селекциите на Естонија и на Норвешка кои ќе се одиграат на крајот на летото. Фудбалерот на милански Интер, кој изминатите шест месеци ги помина во редовите на англискиот тим Шефилд, веќе неколку дена престојува во земјава, каде што ги заврши формалностите предвидени за добивање на македонски пасош. Славковски реши да му помогне на составот на Јонуз, на двата исклучително важни мечеви за овој тим, кој има шанса да стигне до второто место во квалификациската група, кое автоматски ќе значи пласман на младата репрезентација во баражот.
„Ќе настапам во составот на селекторот Мирсад Јонуз на последните две средби во квалификациите. Мојата одлука е дефинитивна, и јас ќе му се ставам на располагање на селекторот на крајот на летото. И покрај тоа што не ги познавам соиграчите од репрезентацијата, мислам дека на теренот нема да имаме никакви проблеми, бидејќи таму најдобро се снаоѓам“, беше првата изјава на Славковски, сврзана со неговата последна одлука за која специјално пристигна во Скопје. Инаку, фудбалерот на Интер, во нашата земја пристигна во друштво со менаџерот Јозо Палац и неговиот татко, Раде Славковски.
И покрај тоа што подолго време во фудбалските кулоари кружеа различни шпекулации, околу прашањето за која репрезентација ќе реши да игра, Славковски е дециден.
„Од Македонија потекнуваат моите родители, значи тоа е и моја земја, и јас мислам дека е најлогично да го облечам дресот на Македонија“, ни потврди Славковски. Младиот напаѓач по шест месечната одисеја во Англија повторно се врати во Италија, односно во тимот на Интер со кого го врзува договор до 2011 година. Во Италија, тој веќе неколкупати телефонски се слушнал со нашиот најдобар интернационалец Горан Пандев, од кого како што ни изјави, доби безрезервна поддршка. „Точно е дека неколкупати веќе разговарав со Пандев, кого исклучително го почитувам и мислам дека е вистински лидер на тимот“, ни изјави Славковски. Сонот еден ден да настапи во дресот на првиот тим на Македонија, барем засега премногу не го оптоварува младиот Славковски, кој смета дека неговото време допрва доаѓа. „Мојата работа се гледа на теренот. Мислам дека таму најлесно можам да докажам дека го заслужувам дресот во А-тимот, меѓутоа засега размислувам само за младата репрезентација, во чии редови решив да настапам токму заради коректниот однос на селекторот Јонуз, со кого веќе подолго време сум во постојана комуникација“, заврши Славковски.