Заев директно од Бејли ќе бара објаснување за писмото со порака до судиите
Премиерот Зоран Заев директно ќе разговара со американскиот амбасадор Џес Бејли за причините за испраќање на писмото во кое тој ги повикува судиите да не се вадат на него кога носат пресуди и одлуки за притвор, одговарајќи му на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на денешната седница за пратенички прашања.
Заев, како што кажа самиот, е загрижен за писмото на Бејли во кое бара да не ја посочуваат амбасадата на САД како изговор за нивните одлуки и објасни како го разбира тој.
„Како што сфатив писмото е со цел да се испрати порака да не се вадат на амбасадата при носење одлуки. Во време на Пржинскиот договор се зборуваше дека американската амбасада тоа го наметна, дека ЕУ го наметна, а сите знаевме дека ние ги носиме одлуките. Ја сфаќам пораката, никој не смее да не се вади дека имал укажувања од некоај амбасада. Штом е тоа нотирано од стратешки пријател на Македонија е доволен сигнал да преземеме дејствија и анализи да видиме која е причината да дојде до тоа писмо“, одговори Заев на прашањето од Милошоски.
Заев уште порача дека министерката за правда Рената Дескоска ќе добие инструкции да го отвори прашањето во Судскиот совет.
„Судскиот совет сигурно ќе донесе одлука. Ако имало таква работа, да се посочи и да се понесе одговорност. Ако немало, да биде на чисто Америка преку својот прв репрезент – американскиот пертседател, бидејќи кога зборува амбасадорот, зборува земјата. Тоа е доволен сигнал да преземеме одредени дејствија и анализи за да видиме што е во суштина причината да дојде до такво писмо“, рече Заев.
Тој уште додаде дека веќе му наложил на неговиот советник за надворешна политика Дане Талески да контактира со заменик американскиот амбасадор.
Милошоски претходно од собраниската говорница побара мислење од премиерот Заев во однос на писмото на Бејли.
„Во него се цитира разочараност на американскиот амбасадор од злоупотребата на неговото име, а поврзано со можно местење на судски процеси при изрекување на притвор и одредување на пресудите. Дали вие како премиер ќе побарате истрага кои судии го злоупотребиле авторитет на странскиот амбасадор за местење судски процеси?“, праша Милошоски.