Во редакцијата на signal.mk пристигна текст, за тоа, што точно се случувало пред и на 25.10 во Битола, пред натпреварот помеѓу ракометните репрезентации на Македонија и Турција.
Како што знаеме и покрај купените билети, над 800 битолчани останаа пред салата “Боро Чурлевски” во Битола и натпреварот помеѓу ракометните репрезентации на Македонија и Турција го проследија преку своите телефони.
Kaко што пишува во текстот, една печатница од Битола, двајца советници во советот на општина Битола, брат на еден советник во советот на општина Битола, вработени лица во една агенција за обезбедување во Битола и вработени лица на кафе бар од Битола се вмешани во наводниот криминал кој се случил пред натпреварот на Македонија и Турција.
Ви го пренесуваме текстот во целост:
“Во Четвртокот на 25.10 со почеток во 20ч и 15 минути во спортската сала “Боро Чурлевски” – Битола по скоро 14 години се одигра ракометен натпревар со репрезентативен предзнак помеѓу репрезентациите на Република Македонија и Република Турција, на кој нашата репрезентација успеа да победи и да остани непоразена во Битола.”
“Натпреварот се одвиваше во одлична спортска атмосфера и целосна доминација на Македонската репрезентација. Трибините беа преполни, а навивањето беше беспрекорно, онака како што му доликува на Битола и на најстарата навивачка група Чкембари.”
“Она што фрли сенка на натпреварот и се друго беше тоа што околу 800 гледачи, вклучувајќи ја и мајката на нашиот капитен Кирил Лазаров, со купени билети, некои од нив тврдат дека билети купиле и по цена од 750 денари, а цената стигнала и до 800 денари, останаа надвор и натпреварот го следеа на своите телефони преку интернет.”
Да почниме од почеток.
Натпреварот помеѓу репрезентациите на Македонија и Турција беше закажан за на 25ти Октомври, а по барање и инсистирање на турската ракометна федерација, натпреварот се одигра во Битола, каде ракометната репрезентација досега не знае за пораз, а најверојатно и така ќе остане уште долго време.
Организацијата на овој ракометен спектакл го превзеде општина Битола, а потоа го делегира на одговорните лица на РК Пелистер.
“Првиот симптом кој најави дека нешто не оди како што треба, беше тоа што билетите за натпреварот не се печатеа во печатницата во која вообичаено се печатат влезниците за натпреварите на РК Пелистер, а во истата печатница се печатеше и кореографијата за натпреварот.
Влезниците беа испечатени во друга невообичаена печатница, на хартија со лош квалитет и без никаква заштита, од видот жиг, лента, а дури и не беа ни перфорирани со издвоено место за контрола на тикетот, кој при влезот треба вообичаено да се отстрани. Сума сумарум билетите беа како створени за фалсификување.” пишува во текстот кој ни беше испратен од Битола.
“Ракометната федерација на Македонија уште вечерта се огради од настанатите проблеми и како за одговорен за настанатата збунка ги посочи одговорните од управата на РК Пелистер. И така испадна.”
“По кратко истражување откриена е мрежата и во наредните денови ќе се обидеме да го расфетлиме случајот во кој се препоставува дека е направена измама од помеѓу 120.000 денари и 640.000, без да се пресмета штетата која е направена врз Битола со тоа што најверојатно еден добар период нема да има можност да организира репрезентативен ракомет.”
“Во целата оваа потенцијална измама се претпоставува дека се замешани : една печатница од Битола, двајца советници во советот на општина Битола, брат на еден советник во советот на општина Битола, вработени лица во една агенција за обезбедување во Битола и вработени лица на кафе бар од Битола.
Се надеваме дека во скоро време ќе дојде до расфетлување на случајот и еднаш за секогаш ќе се стави крај на ваквите измами.” пишува во текстот кој пристигна до редакцијата на signal.mk.