Доцна беше, 05 часот и 13 минути. Пред мене следеше напорен ден кој започнува со дополнителните математички часови во 7:30 кои често успеваат утрински да ме расонат...или одат до крајност. Се стремат го насочат моето расположение под нулата на оската.Темните облаци над мене веќе полека почнуваа да го пополнуваат тој услов со тоа што времето надвор ја достигна својата кулминација, започнувајќи го својот прв мартовски снег, еден ден пред пролетта. Додека главата ми беше преполната со различни прашалници. Прво, со кој разум ќе одам на математика со несклопено око цела ноќ, кога за нецели 2 часа треба да започнам да се спремам?
Нескафето до мене не беше воопшто допрено. Како ли?...Сепак, на оваа изгужвана, шкртана хартија се потрудив што можам повеќе да ја насочам својата негативна енергија, пишувајќи и правејќи планови за другиот дел од денот кој ми преостанува...
Не, подобро не. Ова не е Драга Кајгана. Таму посекако никој не ги чита преполните постови кои членовите ги пишуваат да се пофалат како го минале денот, на школо, дома, што јаделе, колку биле гладни или дали биле задоволни од дневниот џепарлак...
Во текот на изминатава недела, со голем мерак ги броев часовите и минутите до петок, петок навечер со мисла која го опседнуваше мојот разум дека без сомнеж, ме чека прекрасна ноќ. Ноќ која очигледно ќе биде студена, прозорците ќе бидат замаглени, а на нивните краеви ќе се топат ситните снегулки пренесувани лево-десно од ветерот. При секое помислување, срцето ми чукаше забрзано, а дланките започнуваа да се потат. Боже, какво ли е ова предчувство? Дали е добар знак?
Страшен агоничен период. Денес, по таа ноќ фрустрацијата и иритацијата во мене несомнено си поигруваа со моите нерви. Толку многу чувства во една ноќ никогаш не биле така хаотично испомешани. Зјапајќи во телевизорот, со аголот од окото те посматрав на каков начин го гледаше филмот истовремено надминувајќи се себеси при самата помисла колку бев среќна. При тоа, задржувајќи го волшебното значење на зборовите „Те сакам“, се потрудив во тој момент делот од мене кој сношти го оставив таму да биде посилен од твоите чувства исполнети со сомнеж...да можат гордо да те подигнат.
Не сакав да започнувам разговори кои би имале негативно влијание врз нашиот однос. Сакав да поставам еден баланс меѓу нас бидејќи и кога ќе изговорам некои проклети, горчливи зборови, знај не сум искрена. Бидејќи мојата улога на „инаетски идиотизам“ во тие моменти ја играм несомнено перфектно, немајќи тронка грижа дека твоето его е повредено, во својата склопчена, малечка рака ја држев сета онаа моќ и енергија која за момент пројде низ моите гради без да ти укажам колку понижувачки е фактот да се однесуваш на моменти на начинот на кој јас се однесував.Но нема да велам дека не ме заслужуваш, тие зборови се лигави и патетични. Ќе речам дека ти си непобедлив лик кој јас нема достојно да го заменам за некој губитник кој од својот живот видел само луксуз.
Сега, храбро, со задоволство би ја играла улогата на Шехерезада. Би ти раскажувала прекрасни приказни се` до бесконечност, без страв дека ќе го спасам својот живот или не.
За крај, достоинствено ќе ги загризам своите усни и со голема грутка во грлото ќе речам дека моите очекувања беа исполнети. И да, Драгана беше во право. The Notebook е наш филм во кој главните ликови потсеќаат во нивната младост на нас. Бог знае, можеби нашата средба по 7 години ќе биде иста како нивната...