Руските агенти протерани од Грција нуделе поткуп за масовни протести
Двајцата руски агенти кои беа протерани од Грција минатата недела, според
пишувањата на Фајненшл Тајмс се обвинети дека преку бизнисмени се обиделе да поткупат функционерите од локалната власт, православни свештеници, членови на културни здруженија и екстремно десничарските групи низ северниот дел на земјата, за да се вклучат во протести против Договорот потпишан меѓу двајцата премиери Ципрас и Заев минатиот месец.
Се верува дека руските дипломати исплатиле пари на екстремно десничарски групи преку локален грчки бизнисмен. „За 20 000 до 30 000 евра, можете да купите голема подршка во места како што е Александрополис, каде што невработеноста е висока“ изјавил жител за весникот.
Планот на руските агенти бил откриен кога при при обид за поткуп на грчки воен офицер, тој го пријавил инцидентот на неговиот командант.
„Русите сакаа да предизвикаат прекин на разговорите за Договорот“, изјавил висок грчки дипломат за Фајненшл тајмс. Тие го засилија своето нормално мешање во (грчките региони )Македонија и Тракија, изјавил дипломатот за весникот.
Грчката Влада соопшти дека нема да толерира однесувањето со кое се прекршуваат грчките закони. Официјални претставници во Москва предупредија дека Русија ќе возврати реципроцитетно и ќе протера двајца грчки дипломати.
„Мислам дека ова е без преседан“ изјавил грчки официјален претставник за Фајненшл Тајмс. „Дури и во екот на Студената војна, Грција не потера дипломати од Источниот блок“. Грција исто така одлучи да не протера руски дипломати кога тоа го сторија повеќе европски сојузници за труењето на агентот Скрипал и неговата ќерка.
Фајненшл Тајм во текстот пишува и дека со „ Договорот се стави крај на спорот поради кој Македонија цели 27 години не можеше да се приклучи на НАТО и да започне преговори за пристап со ЕУ“ и потсетува на протестите организирани од националистите низ грчките градови.
https://novatv.mk/ruskite-agenti-proterani-od-grtsija-nudele-potkup-na-grupi-za-protest/