Ова е некоја втора фаза од процест на протуркување на договорот со Грција за името, затоа што иницијалната прва, која што го содржеше актот на потпишување веќе заврши, па и јавноста полека се адаптира во исчекување да види од која врата ќе влезе штетниот договор за кој што се уште никој не знае што претставува, туку секој го толкува како што му е воља. Се чини оти единствена призма низ која се гледа на договорот е онаа на партиските прдала, кои што пак договорот го ставаат во равенката за остварување на лична корист, останување или доаѓање на власт. Остатокот од народот е замаен измеѓу патриотизмот и прагматичното виткање кичма во слепа надеж за некаква подобра иднина, која веќе триесет години никако да дојде.
Ова е вештачки проблем со вештачко решение, неодржливо на долг рок, за влез во вештачки организации кои што исто така не се одржливи на долг рок, кои што делуваат во име на демократијата но иронично се и нејзините главни опструктори. За колкава бесмислица станува збор е и тоа што во недостаток на аргументи како да се оправда овој смешен спор, држава од нецели два милиона народ, една од најсиромашните во Европа, со непостоечка армија е оквалификувана како фактор на нестабилност во регионот чиј што просперитет и безбедност наводно зависи од решавањето на едно вакво тривијално прашање кое што нема ама баш никаква допирна точка со загрозување на безбедност и иредентизам. Чиниш сме Иран или Северна Кореја, поседуваме нуклеарно оружје. Денес, иронично, изгледа дека најскапа и најопасна работа е човек да се декларира како македонец. Кои комедии.
Од друга страна пак Грција, пет пати поголема од нас и по површина и по население, иако во финансиска криза повторно пет пати побогата, со една од најмоќните армии во регионот, членка на НАТО - најмоќниот воен сојуз во историјата на човештвото, се плаши од една мала држава како нашата. Автоматски тука се наметнува прашањето: Каков е тој воен сојуз кои што не може да ги заштити своите членки од една мала вукојебина, која што егизистира на маргините на сите светски економски и политички збиднувања? Па зарем за членство во еден ваков сојуз менуваме име на држава и идентитет?