Груевски од вчера е недостоен да биде пратеник, се отвора можност да му се одземе мандатот
Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и експремиер, Никола Груевски, е од вчера недостоен да ја врши пратеничката функција. Така барем стои во Деловникот на Собранието кој пропишува дека пратеник осуден за кривично дело е недостоен да ја врши функцијата на народен избраник. Од овие причини се отвора можност за одземање на неговиот мандат, но тоа би одело потешко затоа што во овој случај би било потребно двотретинско мнозинство во парламентот.
Груевски, некогаш најмоќниот човек во државата, вчера ја доби првата пресуда во предмет на СЈО. Судот го огласи за виновен и му изрече затворска казна во траење од две години за поттикнување при набавка на луксузниот мерцедес од 600.000 евра.
На Груевски му се закануваат и други пресуди кои предвидуваат повисоки затворски казни, но мандатот може да му биде одземен и со првата.
Деловникот на Собранието предвидува дека мандатот му престанува автоматски на пратеник кој е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.
Наспроти тоа, кога пратеник е осуден на помала затворска казна, како што е случај со Груевски, членот 59 од Деловникот пропишува дека тој станува недостоен да ја врши пратеничката функција.
Во таков случај судот кој ја изрекол казната доставува известување до Собранието, а претседателот на Собранието за тоа ја известува Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања.
„Предлог за одземање на мандатот на пратеник поднесува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието. По предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница. Претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот“, стои во Деловникот.
Претседател на Комисијата е пратеникот Павле Богоевски, а заменик претседател е Петар Атанасов. Од десет пратеници во Комисијата кои имаат право на глас, само четири се на ВМРО-ДПМНЕ, додека останатите се на парламентарното мнозинство. Така да извесно би било како ќе се изгласа одлуката за одземање на мандатот на Груевски.
Сепак за одземање на пратенички мандат во овој случај е потребно двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, па не би се очекувало таквата одлука да помине на седница на Собранието, затоа што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ би можеле да го спасат неговиот мандат.
Станува збор за хипотетичка ситуација што би се случувало по правосилност на пресудата. Дури и ако казната за Груевски биде намалена, останува фактот дека тој е осуден за кривично дело.
Имунитетот не го штити пратеникот од судски пресуди, туку само од притвор без одобрувањето од Собранието.