Ако е тоа официјален јазик, ќе треба да се учи во основните училишта. Во секое основно училиште во Македонија ќе треба да однесеш учители. Тие што се во Македонија нема да бидат доволни, па ќе треба да увезете од Косово и од Албанија. Така ќе дојде до комплетна албанизација на целата територија на Македонија. Со тој закон албанскиот јазик треба да се прогласи за официјален на цела територија на Република Македонија. Ако се направи тоа, со Македонија е крај, вели академик Ѓорги Поп-Атанасов од Македонската академија на науките и уметностите .
Тој е постојан член на Одделението за лингвистика и литературна наука при Македонската академија на науките и уметностите, а тесна специјалност му се македонска црковна книжевност, библистика, херменевтика, црковна химнографија, хагиографија.
Кога институциите во нашето соседство и од светот ќе кажат, ќе напишат дека старите ракописи што ги изложуваат се македонски ракописи?
– Изгледа ќе напишат кога ние ќе станеме добри Македонци. Бидејќи ние не сме добри Македонци. На едно место напишав дека кај дел од етничките Македонци националната свест е на катастрофално ниско ниво. На Балканот сите соседи, сите држави успеале кај своите народи да изградат силна национална свест. Кој Бугарин се смета за Србин?! Тој е Бугарин и готово! Србин е Србин, Албанец е Албанец. А од Македонец можеш сè да направиш само Македонец не можеш да направиш. Да го видам дедо Стефан, ќе му речам: „Дедо Стефан, ние треба да се потпреме само на својот народ. Бидејќи народот е црквата. Но, треба да се погрижиме на тој народ да му ја зајакнеме националната свест. Ако имаме свесни Македонци, цврсти Македонци, непоколебливи Македонци, тогаш ќе ја зачуваме државата, црквата, ќе ги зачуваме и идентитетот и јазикот“. Оти на сите соседи, па и на овие од Запад, и на овие во Америка им пречи македонскиот национален идентитет. Кога ќе го збришат идентитетот, сè друго паѓа. А, ако нема Македонци, нема македонски јазик. Зошто да има потреба да има македонска држава? Нема македонска црква, нема книжевна традиција, нема ништо. На сите им пречи идентитетот. Ние треба да си го зачуваме идентитетот.
Предлог-законот за употреба на јазиците, и покрај сите реакции, влезе во собраниска процедура…
– Го читав тој предлог-закон, тоа не е закон за јазици. Има 32 или 34 члена и секој член почнува со: „Јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението, јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението, јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто…“ Секој член почнува со таа реченица. Значи тоа е закон за албанскиот јазик. А со тој закон албанскиот јазик треба да се прогласи за официјален на цела територија на Република Македонија. Ако се направи тоа, со Македонија е крај.