По повод 75-годишнината од Сталинградската битка
На почетокот на октомври 1942 година фашистички трупи очајно се обидуваа да го освојат Сталинград. Во екот на офанзивата, германската артилерија удри врз резервоари со нафта лоцирани на брегот на реката Волга. Градските урнатини во кои се судрија советските и Хитлеровите војници, веднаш ги зафати оган. Советските трупи лоцирани на другиот брег на Волга не очекуваа дека командантот на 62. Армија, која го бранеше градот, генерал Василиј Чујков, ќе остане жив. Меѓутоа, генералот за време на прекин на битката успеа да им ги прати своите координати на колегите од другиот брег: „Ние сме таму каде што има најмногу чад и оган“. Таа реченица многу точно ја отсликуваше суштината на тоа што се случуваше во Сталинград, почнувајќи од летото 1942 година до зимата 1943 година. Во тој најтежок период на Втората светска војна најмногу „чад и оган“ имаше по бреговите на Волга. Токму таму се решаваше судбината на целата војна и на целото човештво. Пред 75 години, на 2 февруари 1943 година, оваа грандиозна битка заврши со триумф на Црвената армија.
Во летото во 1942 година Третиот Рајх беше на врвот на својата моќ. Поразот кај Москва им стави крај на плановите на Хитлер молскавично да го уништи Советскиот Сојуз, кој беше единствена земја што продолжуваше да се бори против фашистичкиот агресор на европскиот континент. Меѓутоа, човечките и материјалните ресурси на Европа заробени од страна на Германците, а и добро наштимана воена машинерија, ѝ овозможија на нацистичката Германија да се соземе по неуспесите на Советско-германскиот фронт доживеани за време на зимската кампања од 1941 до 1942 година, и презеде стратегиска иницијатива. Отворањето на Вториот фронт беше уште далеку – истоварањето на англиско-американските трупи се случи дури за две години. Тој факт на Хитлер му овозможи против СССР да собере до 90 проценти од сите свои копнени трупи, како и стотици илјади војници од своите потпомагачи. За време на летната кампања во 1942 година, фашистите планираа да ги освојат нафтените наоѓалишта во Кавказ и да го отсечат најважниот транспортен коридор на Русија – реката Волга. Да успееше овој план на Хитлеровата Германија, истата ќе добиеше пристап кон неисцрпливи нафтени ресурси за да води долготрајна војна. Клуч кон наоѓалиштата беше Сталинград. Во офанзивата на градот учествуваа повеќе од еден милион германски, италијански, романски, унгарски и хрватски војници. Ударната тупаница беше 6. Армија на вермахтот, на чие чело беше генерал Фридрих Паулус. На 23 август 1942 година германски воздушни сили извршија бомбардирање на Сталинград, кое во тој момент беше најразурнувачко во целата историја на војните и резултираше со смрт на 40 илјади жители на градот. Само по еден ден, дотогаш просперитетен град, се претвори во подружница на пеколот на земјата.
Од август до октомври Фридрих Паулус изврши три јуриша, но истите доживеаја дебакл. Раскажувајќи за борбите во Сталинград во октомври 1942 година, радио Би-би-си соопшти: „Под притисок на германските трупи Полска се предаде по 28 дена. Во Сталинград по 28 дена Германците освоија само неколку згради. Франција се предаде по 38 дена. Во Сталинград Германците по 38 дена успеаја само да преминат од една страна на улицата на друга“.
Шестата германска армија, која заглави во градските урнатини и невидената непоколебливост на руските војници, немаше можност да користи предност во маневарот, бројот на оклопни возила и моќта на артилериски оган. Битката се подели на блиски борби, двобои на снајперисти, напади со бајонети. Со други зборови, исходот на битката не беше предодреден со предноста во техниката, туку моќта на духот, храброста и воената вештина. По цена на натчовечки напори на бранителите на Сталинград, советските команданти добија во време, кое беше неопходно за собирање резерви, и во ноември 1942 година започнаа контраофанзива. 250-илјадната армија на Фридрих Паулус беше опколена. По три месеци борби, живи останаа само 90 илјади германски војници и офицери, и сите тие се предадоа. Германската армија претрпе загуби што не можеше да ги надополни и конечно го изгуби ореолот на непобедливост. Во Втората светска војна настана решителен пресврт.
Дебаклот на Германија и нејзините сојузници кај Сталинград ги охрабри земјите на антихитлеровата коалиција, ја активира партизанската борба во окупираните европски земји, меѓу другото и на Балканот. Наши британски и американски колеги ги дадоа следните оценки за таа победа: „Конечно, уништување на остатоците од германската армија беше историски момент што ќе го запаметат следните генерации. Во оваа голема војна до овој момент немаше толку жестока опсада и толку непоколеблив отпор“, пишуваше „Њујорк тајмс“ на 7 февруари 1943 година.
Во своето обраќање до жителите на Сталинград, претседателот на САД, Френклин Рузвелт, се восхитуваше со „неговите бранители, чија храброст, сила на духот и саможртвување вечно ќе ги инспирираат срцата на сите слободни луѓе“. „Нивната славна победа го запре бранот на инвазијата и стана пресврт во војната на сојузниците против агресорот“, констатираше Френклин Рузвелт. Британскиот крал Георг Шести на градот му го додели церемонијалниот меч. Натписот на мечот гласеше: „На граѓаните на Сталинград, цврсти како челик - од кралот Георг Шести во знак на длабока восхит на британскиот народ“.
Неспорно е едно. Да успеаја Хитлеровите трупи да го скршат отпорот на бранителите на Сталинград, тоа за многу години ќе ја одолговлечеше победата над фашизмот или целосно ќе ја оневозможеше. Да не беше подвигот на руските војници во Сталинград, каква крвава цена после ќе платеа војниците на САД, Велика Британија, Канада, партизаните на Југославија и на другите земји сојузници на СССР? Колку уште милиони Евреи, Роми, Руси, Украинци, Белоруси, Полјаци, Чеси, Срби, Македонци и претставници на другите народи ќе беа уништени во Освенцим, Треблинка, Собибор и во другите „логори на смртта“? Колку уште градови ќе беа избришани од земјата? Колку уште тортури, егзекуции и други воени злосторства ќе беа извршени од страна на нацисти на окупираните територии од Ла Манш до Балканот и Русија? Пред 75 години светот точно го знаеше одговорот на сите овие прашања и им беше искрено благодарен на руските војници за спасување од нацистичката чума.
И сега, по изминатите десетици години, кога настаните од тоа време ја губат свежината и сѐ помалку остануваат живи сведоци на таа страшна војна, од големо значење е да се негуваат сеќавањата на тој период, решително да се сузбиваат обидите да се ревидира историјата, да се оправдаат фашизмот и неговите потпомагачи. Тоа треба да се прави не само заради почитување на подвигот на хероите на Сталинград, туку и за светот пак да не се најде исправен пред страшен избор меѓу животот и смрта, како што тоа се случи во Сталинград.