Референдумот е демократски институт кој во средините што не се политички, културно и социоекономски консолидирани над нивото на флотантната маса на залудени и заблудени поединци, може да биде акцелератор на самораспаѓачката деструкција. Опасна авантура. Фактор на општиот хаос. Независно од благородноста на целите или во тесна поврзаност со целите што разорната моќ на општеството ја прават правопропорционална на благородноста на идеите за кои се гласа.
Тоа е првата мисла што ми дојде на ум откако во растојание од неколку денови имав можност да се запознаам со заложбите на министерот за надворешни работи Димитров и на портпаролот на Владата, Бошњаковски, во прилог на идејата да се организира референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за можните промени на името на државата. Еве ги и другите тези што ги закачувам на вратата на црквата во „Слободен печат“.
Македонското општество е разорено, физички е разорено на лутачки поединци, ментално е разорено на обездуховени субјекти, културно е сјебано толку што не знае да го разликува говното во Музејот на смртта, од Микеланѓело во Сикстинската капела, политички е располовено во еуфоријата од крахот на заробената држава и разочарувачките почетоци на слободата, обезидентитетирано е до мера што нема претстава на што, всушност, ќе треба да одговара на тој факинг референдум, самото на себе си ја има одземено деловната способност, пишував за тоа пред некој број, не е во состојба да носи рационални одлуки за себе и за своите.
Името како територијалната поделба
Дали, можеби, претерувам? Не, се разбира, дури ми се чини дека сум преблаг. Општествените дискурси, резони и интереси се формираат на начин што се стреми да го држи општеството десубјективизрано, односно заробено, со тенденција општата боја и букето во заедничката чаша да ја даваат најнеписмените и најглупавите, најподложните на ефтина корупција, најприемчивите за евтините прикаски на разните популисти, шовинисти и фашисти, работа што беше овозможена со дезелитизацијата на општеството и со присуството на најопшто достапните медиумски платформи на социјалните мрежи и евтините телевизии. Впрочем, нели беше така што ние на референдуми го биравме злото, толку години!? Мене ми се чини дека промените во општествата го дисквалификуваат референдумот за капиталните прашања, какво што беше прашањето за излегувањето на Британија од Европската Унија, да речеме, или референдумите во Инџиково и во Штип против мигрантите! Хахаха! Или елементите на закоравеноста, на непроменливоста, како кога властите во Манаус би организирале референдум со прашањето дали амазонското племе што се вика Ма Ке Дунија, сака да му се инсталира кабловска телевизија и апликација на македонскиот здравствен и пензиски систем!
Политичкиот пораз на злосторничкото здружување на ВМРО-ДПМНЕ е голем подвиг кој, веројатно, говори во прилог на идејата за референдумот, но не треба да се заборави дека општествената и менталната инсталација на злото е жива и дека таа инсталација, таквите прилики, каква што е референдумот, нема да пропушти да ја искористи за нова агресија врз општите работи и за своја политичка рехабилитација. Името овој пат ќе биде тоа што пред 13 години беше територијалната поделба. Со други зборови, ние немаме само луѓе и структури што се против промена на името, тоа е сосема легитимен став, туку имаме непријателска терористичка организација која во камионот на референдумот ќе сака да прошиша низ Македонија како оној лудак низ крајбрежното шеталиште во Ница.
Искуствата со референдумите се предупредувачки. Оној од 1990 година ја легитимираше политичката волја за независна држава, но во формулацијата на самото прашање мораше да се одговара на предизвиците на политичката култура кои го доведуваа во прашање позитивниот исход на сенародното изјаснување.
Референдумот против територијалната поделба од 2004 година не успеа поради ниската излезност на граѓаните, резултат што беше остварен, се сеќаваме, со помош и на интервенција на Соединетите Држави во форма на признавање на уставното име. На крилата на тој референдум зрееше самоубиствениот нагон на општеството кој четири години подоцна, на бранот на антиалбанизмот и антиевропеизмот, ќе ги донесе злосторниците од ВМРО-ДПМНЕ и нивната програма за заробување и деструкција на државата и на заедницата на власт.
Ние сме општество кое на очиглед на сите злосторства што му ги направи злосторничкото здружување на ВМРО-ДПМНЕ во текот на последните единаесет години, најмногу гласови и пратенички мандати на последните парламентарни избори и даде на инсталацијата која му ја беше затегнала јамката околу вратот. Тоа што на локалните избори направи апсолутен отклон од злото, не ја релативизира, уште помалку ја преиначува горната забелешка, туку ја потврдува опасноста на која општеството е спремно да се изложи самото себе. Зошто власта мисли дека таква маса може да има свест за себе во темата за името!?
Корумпирање на злото
Не верувам дека Македонецот ќе прифати државата да му се вика Јужен Нил или Нова Македонија, што значи дека референдумот би имал смисла само ако ја овластува државата да постапува спротивно на волјата на граѓаните. Тоа е генерален проблем на вакви интимизирани средини: напредокот може да се оствари само како акт против луѓето во тековната димензија на нивните плитки интереси и на преблиските хоризонти. Референдумот ја нагласува епската важност на едно, во суштина, техничко прашање. Тој ја нагласува причината поради која потонавме во овие говна, а не добитната комбинација која се состои од релаксирање на важноста на прашањето и од прашањето.
Но, што да се прави кога се уште не е измислено подобро решение од референдумот? Ако е тоа стандард на кој ќе инсистира меѓународната заедница, а не само нашиот патетичен дух, тогаш е важно да се кажат неколку работи. Мора да се тргне во акција за морално, политичко и културно рехабилитирање на општеството. Меѓу другото на начин кој ќе му покаже дека неговата модерна конституција не зависи од чувањето на името и од слични тралалајки на кои го навлекоа корумпираните елити, туку во ослободување од тие срања. Тоа, пак, мора да биде само еден аспект на вкупните културолошки промени, промени во саморазбирачкиот код, во имагинариумот на овој народ, похрабро, поослободено, поркерски... Не гледам таква активност и ориентација во рамките на концептите и доктрините на новата власт, односно, не гледам концепти и доктрини...
Без тоа референдумот е опасна алатка.Второ, ако веќе се оди на референдум, мора да се обезбеди неговите резултати да бидат ослободени од елементите на политичката корупција. Македонија не смее да си дозволи да го корумпира злото за да добие посакувани референдумски резултати! Таа не смее да биде резултат на корупцијата. Таа мора да го совлада злото без остаток. Инаку, може да се вика како сака!