Ги јадосала нашите тодоралександровци мојата колумна
„Тестаментот на Александров“ во која го цитирав и коментирав неговото претсмртно интервју објавено во лондонски Тајмс. Ми го испорачаа своето негодување за време на моето гостување во емисијата „Ноќен експрес“ на Канал 77. Во својата порака ми порачаа да си ја гледам работата и да не се занимавам со историјата. Но, не помина многу и Миленко Неделковски се позанимава со историјата со чекан во рака. Тодоралександровци го одмолчаа неговиот „подвиг“, кршењето на спомен-плочата на загинатите војници од бугарската армија (11-та македонска дивизија) во која војувал и нивниот идол Тодор Александров. Крај не му се фаќа на новокомпонираниот патриотизам!
А што можело да ги јадоса нашите тодоралександровци? Тоа што на македонската јавност ѝ го претставив интервјуто на Александров во кое: а) се декларирал како Бугарин од Македонија; б) признал дека преговарал и договарал со комунисти, и в) изјавил дека автономна Македонија ја гледа како рамноправен дел од една, ако не балканска, тогаш југословенска федерација? Интервјуто никогаш не било објавено на македонски, од него може да се насети растревоженоста на Александров по објавувањето на Мајскиот манифест. Интервјуто е факт. А премолчувањето и извртувањето на фактите се пропагандни инструменти со кои се фалсификува историјата. Извртувањето и премолчувањето не смеат да се премолчат. Последиците се погубни. И тоа е факт со кој сме соочени денес и овде.
Споредбата на тоа интервју на Александров со интервјуто што Ванчо Михајлов му го дал на македонскиот новинар Борис Вишински укажува на тоа дека Александров од драматичната 1924 година и Михајлов од 1989 година би се согласиле само во тоа дека се Бугари од Македонија. И ова интервју е автентично. Своите одговори сомничавиот Михајлов ги испратил написмено, преку своите најдоверливи луѓе. Интервјуто е прв пат објавено на 8 јануари 2001 година во бугарскиот весник Демократија, па на 18 јануари 2001 во органот на МПО Македонска трибуна (на англиски, бугарски и, прашањата на Вишински, на македонски), потоа на македонски во Дело (не знам дали комплетно), па на 5 септември 2012 година на сајтот на ВМРО на Каракачанов.
Во 1924 година, автономистот Александров предвидувал дека кога ќе бидат исполнети условите „...делот од Македонија кој е во рацете на Бугарија ќе мора исто така да биде инкорпориран во автономна Македонија“. На прашањето од Вишински: „Како водач на македонското ослободително движење вие ја имавте историската можност да ја прогласите независноста на Македонија како држава со еднаков статус со сите други балкански држави. Што ве спречи да го направите тоа?“ Михајлов одговара: а) „Ослободувањето од југословенскиот јарем кој беше наметнат од режимот на кралот Александар Караѓорѓевиќ беше дочекано со голем вохит од нашето население во Македонија; или, уште поточно кажано, од оној голем дел од населението што не само што се чувствуваа – како секогаш дотогаш – како Бугари, туку и никогаш не бегаа од проширувањето на Бугарија до Охрид, до Хрупишта кај Костур и до брегот на Белото Море близу Кавала. Токму тие Бугари излегоа во првата линија да ја пречекаат бугарската војска во Македонија кога пропадна Југославија. Во тој момент, и со недели по тоа, радоста на тој широк круг патриоти не се намалуваше.“ б) Два-три дена по овој ден на ослободување, или само десетина часови по него, ќе беше малку бајато, без вкус, некој да појде во Скопје и во други места и да извика „Да живее автономна Македонија“. Затоа ниеден наш човек не беше поттикнат да одржи таков говор. Инаку би можело дури и меѓу најлутите патриоти Бугари да избие тепачка. в) Со најдлабока искреност треба да се каже дека во она време (1941 година, м.з.) имаше наши луѓе кои интимно беа колебливи во својата верба дека состојбата („ослободувањето“, м.з.) која тогаш настапи во Македонија ќе потрае. Иван Михајлов беше еден од оние (несомнено повеќето од нив молчаливи), кои уште од почетокот веруваа дека војната ќе почне со надежи за Бугарите, но таа војна од која тие очекуваа крајно решение, ќе биде загубена војна. г) Бидејќи војната ќе биде загубена за Германија и за народите на еден или на друг начин поврзани со неа, на почетокот беше направен обид кај завојуваните во полза на независна Македонија. И веројатно затоа што тоа беше почетокот на војната, не добивме никаков поттикнувачки одговор. д) Кон крајот на војната, истите фактори категорично го поттикнуваа Иван Михајлов јавно да прогласи независна Македонија. Но тоа беше толку доцна, што јас намерно отидов во Скопје со сопругата и од таму соопштив дека не можам да го прифатам нивниот предлог зашто е премногу доцна. И додадов дека одбивам да преземам одговорност пред сопствениот народ за злото кое може да го предизвикам со своите постапки. Самите Германци (во книгата на Валтер Хаген
Тајниот фронт / Die Geheime Front) напишаа дека колку и да им е непријатен овој одговор, тие сметаат дека Михајлов правилно го исполнува долгот кон својот народ.“Ванчо премолчува кои се народите поврзани со Хитлерова Германија, а премолчува и на кој начин биле поврзани. Симптоматично е и тоа што Ванчо не пишува за држави, туку за народи поврзани со Хитлерова Германија, вклучително и Бугарите, во Бугарија и во Македонија, и премолчува дека делови од „поврзаните“ народи не само што не верувале дека настанатата „состојба“ ќе потрае, туку со пушка в рака, вклучително и Македонците, се кренале за да ѝ го скратат траењето.Толку од автономизмот на Михајлов. Во 1941 му било многу рано, а во 1944 му било многу доцна! Всушност, Ванчо Михајлов не можел да биде ни квислинг од рангот на неговиот сојузник Анте Павелиќ, кому, по распаѓањето на Југославија во април 1941 година, Хитлер му дозволил да прогласи независна хрватска држава (НДХ). Ванчо просто немал каде да прогласи независна Македонија. Географска Македонија, поделена на три дела по Балканските војни, во април 1941 година била поделена уште еднаш. Источните делови од Вардарска и Егејска Македонија ги „ослободила“ Бугарија, западните делови од Вардарска и Егејска Македонија ги окупирала Италија на Мусолини, првиот тутор на Ванчо Михајлов, а Солун (сонуваниот главен град на Ванчовата Македонија) и централниот дел од Егејска Македонија биле окупирани од најмоќната од „завојуваните“, Хитлерова Германија. Пиринска Македонија си останала во Царството Бугарија. Ванчо останал со прстот в уста. Не му било дадено ништо, освен да се засолни во Загреб од почетокот на војната до крајот на 1944 година. Во 1943 година, од Хитлер и Химлер му било побарано од своите следбеници да формира три баталјона доброволци кои ќе бидат вооружени со германско оружје. Познати како Охрана, тие во 1943 и 1944 година во Костурско, Воденско и Леринско војувале против грчкото движење на отпорот, во кое голем дел биле Македонци (СНОФ). Хитлер одново се сетил на Ванчо кога бугарската армија почнала да се повлекува од Македонија. Побарал Ванчо да прогласи сателитска држава Македонија, „за да се спаси што може да се спаси“. Останува непознато кои граници ѝ ги определил Хитлер на државата што требало да ја прогласи Ванчо. Ванчо молчи за тоа дали Хитлер, на пример, лут на капитулираната Бугарија, му ја понудил Пиринска Македонија? Или му понудил да прогласи држава на територијата на географска Македонија?
На 3 септември 1944 година, со германски авион, Ванчо и неговата сопруга биле транспортирани од Загреб во Софија, а два дена подоцна биле транспортирани во Скопје. На 6 септември, Ванчо го известил Берлин дека ја одбива понудата поради „неможноста да добие локална подршка“, а на 8 септември го напуштил Скопје со персоналот на германскиот конзулат. Два месеци подоцна, на 13 ноември, партизаните го ослободиле Скопје.
Една од вештините на Ванчо Михајлов била способноста да процени кога треба да исчезне, да го снема, да биде отсутен и од далечина да ги планира и да ги раководи своите конспиративни операции. И одговорите во неговото интервју биле таква операција, завештание упатено до неговите следбеници во Република Македонија. Радко (Ванчо бил љубител на псевдоними, м.з.) веќе бил известен дека тие креваат глас. Но за тоа, во продолженијата на оваа колумна.