Мукоски сам себе ќе си одзема имунитет?
Согласно Деловникот, пратеникот ужива имунитет од денот на верификација на мандатот до денот на неговиот престанок. Според член 53 од Деловникот за работа на Парламентот, барањето за одобрување притвор на пратеник, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието.
Известувањето дека пратеникот е притворен затоа што е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието.
Надлежниот орган го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот и во случај кога тој не се повикал на имунитетот.
Претседателот на Собранието, барањето за одобрување притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
Претседател на оваа комисија во овој состав на Парламентот е пратеникот од СДСМ, Павле Богоевски, негов заменик е партискиот колега, Петар Атанасов, а членови Мирослав Јовановиќ, Александар Кирацовски, Сашко Костов, Агим Шаќири, Трајко Вељаноски, Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски и Борис Змејковски. Заменици членови се Горан Мисовски, Хари Локвенец, Сашко Атанасов, Мирсада Емини – Асани, Владимир Ѓорчев, Невенка Стаменковска, Никола Попоски и Зоран Ѓорѓиевски.
Комисијата, според Деловникот, е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да го достави извештајот до претседателот на Собранието. За седницата на Комисијата се известува и пратеникот на кого се однесува барањето.
Врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Собранието најдоца во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, одлучува по барањето.