Денес работата ме однесе во Влае на улица Клеонец, каде што бев пријатно изненаден откако открив повеќе помали ормари за оптички разделници кои дефинитивно не се на Македонски Телеком, не само бидејќи се помали и не го имаат логото на T-Home или логото T на Дојче Телеком, туку и бидејќи како што забележав на почетокот од улицата веќе има голем ормар со оптички разделници на Македонски Телеком и веќе има приклучени корисници на оптички Интернет од Македонски Телеком на таа улица.
Неколку подетални прегледи низ помалите ормари за оптички разделници низ улицата - кои ги има бајаги повеќе, во просек по еден ормар на секои 10 до 15 метри - и открив дека станувало збор за заедничка инвестиција на Близо, оне.Вип, Неотел и Телекабел, кои платиле приватна компанија за да ја раскопа улицата и за да пушти оптички кабли низ истата во текот на август 2017 и септември 2017.
Сега улицата е вратена во првобитна состојба, но ако не пред секоја куќа, тогаш пред секоја втора или пред секоја трета куќа има црева низ кои ќе поминуваат оптички кабли.
Ормарот на средината е за струја, не е за оптички разделници.
Но како што може да се види од наредната слика, големиот ормар со оптички разделници на Македонски Телеком веќе има свои комшии и несомнено идни конкуренти.
Несомнено причината за повеќето ормари за оптички разделници, е бидејќи Близо и оне.Вип, исто како и Неотел и Телекабел, имаат свои оптички телекомуникациски мрежи, па така има ормари кои се` на Близо и оне.Вип, ормари на Неотел, и ормари на Телекабел. Како и зошто Близо и оне.Вип се водат како различни фирми во известувањето од фирмата изведувач на градежно-земјените работи, кога општо е познат фактот дека Близо е во сопственост на оне.Вип, не знам, но знам дека присуството на повеќе вакви ормари за оптички разделници и повеќе црева за оптички кабли пред куќите, може да говори само една работа, а тоа е - дека жителите на оваа улица ќе можат во блиска иднина да користат оптички Интернет од овие телекомуникациски оператори, така што оптичкиот кабел ќе завршува директно кај крајниот корисник, исто како што е и кај оптичкиот Интернет на Македонски Телеком.
Секако дека ова е позитивен развој на настаните, но сеуште мислам дека е прерано за да очекуваме нови пакети со оптички Интернет од Вип, бидејќи оваа градежно-земјена интервенција која ја направиле во Влае ќе треба да се направи во сите населени места каде што не се пуштени оптички кабли на Вип, а во населбите од централното градско подрачје како мојата, каде што оптичките кабли на Вип завршуваат во локалната централа, можеби сепак ќе мора да се копа за пуштање на дополнителни оптички кабли, но дури и да не мора, сепак ќе мора да се копа за пуштање на оптички кабли од локалната централа до станбените згради и правење на нова внатрешна оптичка инсталација на Вип за потребите на корисниците на оптичкиот Интернет на Вип во тие станбени згради.
Како и да е, секоја им чест на Вип и на останатите спомнати телекомуникациски оператори за нивните инвестиции во нивните оптички телекомуникациски мрежи
, изгледа Македонски Телеком за 2 до 3 години од сега ќе имаат полни раце работа ако сакаат да ги задржат постоечките корисници.