Грците двапати ќарија од изградбата на автопатот Демир Капија - Смоквица. Првиот пат со повлекувањето на 50 милиони евра од грчката неповратна помош, која Македонија требаше да ја добие преку третата компонента за регионален развој од ИПА програмата, а вториот пат со тоа што Министерството за финансии на тендерот за завршниот дел од Коридорот 10, за најповолен понудувач ја избра грчката фирма "Актор", на која државата ќе и` плати 270 милиони евра со ДДВ, а која е за речиси 40 милиони евра поскапа од "Тото" од Италија.
Според извештаите на Македонскиот центар за европско образование (МЦЕТ), со промената на името се нарушиле плановите делницата Демир Капија - Смоквица целосно да се изгради со европски грант и да чини само 77 милиони евра. Според истата организација, која се повикува на податоци од Брисел, финансиска конструкција за завршниот дел од Коридорот 10 се менувала од ден во ден, така што, според последните податоци, 250 милиони за изградба на 28 км, се зголемиле на 320 милиони евра. Од оваа сума, според извештаите на МЦЕТ, 45 милиони евра треба да се обезбедат од ИПА како неповратни средства, 130 милиони како кредит од Европска инвестициска банка, 90 милиона кредит од Европска банка за обнова и развој, како и 55 милиони од Буџетот на Македонија.
Европската банка за обнова и развој упатува дека одговорот за тендерот за избор на фирма за автопатот Демир Капија - Смоквица треба да се бара во Министерството за финансии.