21.03.2013, 16:45
ИЗБОРНИ ЧАРТЕР-ЛЕТОВИ ОД ШВАЈЦАРИЈА
Се претпоставува дека на 23 и 24 март во земјава ќе допатуваат околу 2.500 нашинци само за да ги посетат гласачките места
Соња Маџовска
Изборите го раздвижија воздушниот сообраќај. Македонските иселеници викендов ќе ја посетат татковината, но само на кратко, за да ги посетат гласачките места.
На аеродромите во Скопје и во Охрид се очекува да слетаат околу 15 чартер- авиони главно од Западна Европа. Од Агенцијата за цивилно воздухопловство вчера изјавија дека за седум лета веќе имаат дадено одобрение, а уште осум се на оперативно разгледување. Најголемиот дел од иселениците кои имаат желба да гласаат се од Швајцарија, а се упатуваат најчесто во општините во Западна Македонија.
„Досега се одобрени седум чартер-лета на 23 и 24 март. Еден лет е на
’Еделвајс‘ на 24 март, Цирих - Скопје - Цирих со 168 патници. А седум лета се на ’Хелветик‘ за Охрид, секој авион со по 100 патници во просек“, информираат од АЦВ.
Од таму додаваат дека за уште осум лета има поднесено барања до Агенцијата за цивилно воздухопловство кои се' уште се на оперативно разгледување. Од АЦВ велат дека деновиве ќе одлучат дали овие летови ги исполнуваат законските нормативи за да реализираат чартер-операции до Скопје и до Охрид.
Ако се земе предвид дека во просек чартер превезува од 100 до 200 патници, тогаш може да се претпостави дека на 23 и 24 март во земјава ќе допатуваат околу 2.500 патници.
Во оваа бројка не влегуваат патниците кои ќе допатуваат со редовните линии до Скопје и до Охрид, но исто така се претпоставува дека нема да биде мал бројот и на оние кои ќе слетаат и на приштинскиот аеродром.
Претходните денови и денеска од Цирих и Базел во Скопје слетува по еден авион од редовната линија. В недела, пак, од Цирих во Скопје слетуваат два редовни авиони. На приштинскиот аеродром, пак, секој ден слетуваат по три авиона од Цирих, еден од Женева, Базел и Берн, и по еден од Франкфурт и Виена.
Изборната викенд-посета секој од нашите иселеници, според слободни процени, ќе го чини меѓу 50 и 100 евра за авиобилет. Сумата најмногу зависи од тоа дали компанијата со која ќе летаат е нискобуџетна или редовна, односно дали ќе добијат место во чартер-авионите или ќе мора да ги користат редовните линии. На прашањето до агенциите колку чини закуп на чартер за да се дојде во Македонија од Европа, само за да се гласа, одговорите се различни и непрецизни. Сумата зависи од бројот на патници, екипажот, понудата на воздухопловите, дестинацијата, промената на цената на гориво, курсот на валутата, сообраќајните дозволи, аеродромските слотови и други фактори кои влијаат врз крајната цена.