Вчера и после доста учење и труд, паднав на испит. Бев разочаран бидејќи сите околу мене ќе напредуваат, само јас ќе останам да тапкам во место. Иако секогаш знам дека ако нешто сакам и не сум го добил, тоа е бидејќи не сум вложил доволно труд, и дека ако останам со силна желба и вложам повеќе труд ќе го добијам истото, сепак некако не бев исполнет. И во состојба на недефинираност, решив позитивно да си го дефинирам денот, за повторно да се чувствувам исполнет.
Веќе подолго време имаше наоколу едно маче, кое мислам дека е и трудно. Кога дојдоа многу ниски температури, мачето се прибра во една од околните згради (или го прибраа - подобра варијанта). Решив да отидеме да го посетиме, кога стигнавме до зградата мачето беше надвор на студот, а вратата затворена. Му ја отворив вратата, и го затворив таму, отидов до најблиската бензинска која работеше тоа време, и во едно канче му ставив млеко. Дури го пиеше, решив да не му досаќам и да направиме еден снешко. Иначе никогаш во животот не сум направил снешко, бидејќи не знаев како мал дека треба да се тркала топката и само собирав снег го трупав на едно место и снешкото повеќе изгледаше на триаголник отколку на смешко. А и немаше баш кој да ми покаже како треба исправно да се направи. Пред неколку дена ми беше и првиот снешко направен, овој вчера e втор. Се вративме кај мачето, млекцето беше скоро испиено, мачето беше на топло и ја затворивме убаво вратата од влезот.
Излеговме надвор, бар во тој миг немаше наоколу други улични животни за да ги примамиме да дојдат во друг влез или да им се даде храна, имаше само снег, снешкото и чувство на исполнетост. Колку малку треба за среќа нели
