Како да го научите да слуша едноставни наредби
За да го научите кучето да слуша основни наредби, ќе треба да му ставите ланче околу вратот, да имате каиш и голема стрпливост. Еден прирачник за дресирање го препорачува следново:
1) Наредбите треба да се едноставни, од еден збор,
2) покажете му на кучето што сакате да направи, и
3) пофалете го веднаш штом ќе го направи тоа. Тонот на Вашиот глас е поважен од зборовите што ќе ги кажете. Наредбата треба да му ја дадете со одлучен, а пофалбата со топол и срдечен тон.
Нема потреба од физичка казна, како удирање или клоцање. „Едноставно велам ‚Не!‘ со остар глас, и кучето знае дека не сум задоволен со она што го прави“, вели Маркос, дресерот што беше цитиран погоре. Тој додава: „Кучето е доволно интелигентно за да знае кога му давате пофалба а кога го карате“.
Ако е потребна некоја подрастична мерка, можете да го фатите за кожата на тилот и лесно да го затресете велејќи му „Не!“ Треба да го карате или во моментот кога прави нешто што не треба или веднаш по тоа. Запомнете, кучето не може да сфати зошто го карате ако веќе поминале неколку минути или часови откако направило беља. Исто така, не разбира зошто во некои ситуации може да направи нешто а другпат не. Затоа, бидете доследни.
Најосновната наредба што кучето треба да ја научи за да биде послушно е: „Седи!“ Ако Вашето куче ја знае оваа наредба, ќе можете да го држите под контрола кога ќе стане премногу немирно. На пример, можете да му кажете на кучето да седне кога ќе почне да скока врз гостите. За да го научите кучето да седи, ставете му го каишот, и додека му ја давате наредбата „Седи!“ притиснете му го со раката задниот дел надолу и нежно кренете му ја главата нагоре со помош на каишот. Веднаш пофалете го. Повторете ги овие чекори додека кучето само не ја послуша наредбата.
За да го научите кучето да остане да седи, застанете пред него и испружете ја раката со дланката свртена кон него и изговорете ја наредбата „Место!“ Ако кучето мрдне, кажете „Не!“ и натерајте го пак да седне. Повторете ја наредбата, и пофалете го кучето кога ќе остане да седи макар и кратко време. Кога кучето ќе почне да ја слуша оваа наредба, оставајте го да седи сѐ подолго и додека тоа седи оддалечувајте се сѐ повеќе од него.
Најдобар начин да го научите кучето да дојде кај Вас е да користите долг каиш и нежно да го потегнете додека го изговарате неговото име и му велите „Дојди!“ Кога кучето ќе тргне кон Вас, почнете да одите наназад давајќи му пофалби цело време. Наскоро ќе одговори на Вашиот повик и без да го потегнувате за каишот. Ако кучето се одврзе и не реагира на наредбата „Дојди!“, викнете по него и стрчајте се во спротивната насока. Обично кучето инстинктивно ќе се стрча по Вас.
Но, внимавајте: никогаш не користете го зборот „дојди“ во негативен контекст, на пример, за да го карате. Вашето куче мора да научи дека кога ќе реагира на наредбата „Дојди!“ ќе следи нешто пријатно, било да му дадете пофалба или нешто за јадење. Ако изгубите трпение додека го учите на оваа наредба, Вашето куче ќе си мисли дека ако дојде кај вас го чека нешто лошо и затоа не треба да Ве послуша.
Можете да го научите кучето и да оди покрај Вас, без да трча напред или да заостанува назад. За ова ќе Ви треба синџир за дресирање што се става околу вратот и краток каиш. Застанете го кучето од Вашата лева страна, изговорете ја наредбата „Нога!“, и дајте чекор напред со левата нога. Ако кучето се обиде да потрча напред или заостанува зад Вас, повлечете го каишот нагло и кратко, и повторете ја наредбата. Пофалете го кога ќе послуша.
Како може да го одвикнете кучето да скока врз Вас? Еден начин е да зачекорите назад велејќи му „Фуј!“ а потоа „Седи!“ Друг начин е да му ги фатите двете предни шепи со рацете и да зачекорите кон него, повторувајќи ја наредбата „Фуј!“ Пофалете го кога ќе Ве послуша.
Верен пријател
Не заборавајте, кучето е дружељубиво животно. Ако долго време престојува во затворен простор, може да стане хиперактивно, претерано да лае и да уништува сѐ околу себе. Но, ако го издресирате, наместо да Ви додева, Вашето куче може да Ви стане верен пријател кој ќе ви причинува радост.
[Рамка/слики на страница 16]
Совети за дресирање куче
1. Кога му давате наредби, секогаш користете ги истите зборови.
2. Кучињата сакаат да ги викате по име и тоа им го привлекува вниманието. Затоа, користете го нивното име кога им давате наредби. („Рекс, седи!“) Но, не викајте го по име кога го карате, на пример, кога му велите „Не!“ Кучето мора да научи дека ако се одзвие кога го викате по име, ќе следи нешто добро, а не казна.
3. Како награда давајте му многу пофалби. Многу кучиња се попослушни ако им покажувате наклоност отколку ако им давате храна.
4. Часовите на дресирање нека бидат кратки и пријатни.
5. Немојте ненамерно да го наведувате кучето да се однесува лошо со тоа што ќе му обрнувате повеќе внимание кога прави нешто што не би смеело. Ова само ќе предизвика повторно да го прави она што не смее.
Научете го кученцето да врши нужда надвор од домот
Кога кученцето е старо само месец и пол до два, може да го научите да врши нужда надвор од домот. Според книгата
Dog Training Basics (Основи за дресирање на кучиња), за ова да се направи успешно важно е кученцето да го чувате во некое оградено катче, да го издресирате, да го водите таму во одредено време и да го пофалите. Кучето обично не сака да го валка местото каде што спие. Затоа, кога нема никој во близина, затворете го кученцето. Имајте на ум кога треба да врши нужда и научете го точно на кое место може да го прави тоа. Изведете го (со каиш) до таму веднаш штом ќе се разбуди, откако ќе јаде или ќе си игра, или пред да заспие. Пофалете го кога ќе врши нужда. Можете и да го научите некој збор што ќе му биде знак дека е време да врши нужда.
Кога Вашето куче слободно се движи низ домот, внимавајте на знаци што покажуваат дека треба да врши нужда како, на пример, нагло да престане да си игра, да почне да кружи и да душка или да истрча од собата. Ако го фатите кученцето да врши нужда во домот, искарајте го и веднаш изведете го надвор.
* Нема ништо да постигнете ако го карате долго откако ќе ја направи бељата. Исчистете ги трагите со оцет за да се отстрани миризбата. Во спротивно, кучето ќе продолжи да врши нужда на истото место.
Кога кучето возбудено Ве поздравува, може несвесно да мокри. Тоа е нормално кај кучињата и може да значи дека Ве доживува како водач, т.е. признава дека Вие сте во алфа-положба. Ако го карате кога го прави тоа, проблемот само може да се влоши, бидејќи кучето уште повеќе ќе мокри за да покаже дека Вие сте главен. Ваквото однесување обично престанува кога кучето ќе наполни две години.