Првата глобална мапа на Меркур објавена од тимот на МЕСИНЏЕР ќе биде клучна при набљудувањата на планетата кога МЕСИНЏЕР ќе влезе во нејзина орбита во 2011. Мапата е направенa со помош на сликите кои ги направи опсерваторијата при трите прeлетувања покрај Меркур, последното од нив во Септември 2009, како и фотографии од сондата Маринер 10 во 1970. Правењето на овој глобален мозаик претставува главно постигнување за сите во тимот на МЕСИНЏЕР. Со ова се отвора можност сондата повеќе да не биде само мисија во прелет туку да стане постојана опсерваторија на највнатрешната планета на Сончевиот систем.
Иако правењето на ваква мозаична мапа изгледа лесно, сепак е вистински предизвик да се направи картографски точна мапа од слики со различна резолуција (од 100 до 900 метри по пиксел) и услови на осветлување при прелетувањето на леталото со брзина од 2 km/ѕ. Мали несогласувања при насочувањето на камерата и променливоста на големината на сликите може да придонесат за помали грешки. Правењето на една ваква мапа бара високо специјализиран софтвер. Повеќе картографски експерти од Центарот за астрогеолошки науки работеле на одбирањето на контролните точки потребни за конструирање на финалниот мозаик користејќи го Софтверот за слики и спектрометри (ISIS). За оваа конкретна мапа биле одбрани 5301 контролни точки, секоја од нив се наоѓа на најмалку 3 слики (18 834 мерења) од вкупно 917 слики. По крајните проверки е заклучено дека грешките се многу мали и прифатливи и изнесуваат 1/5 од пиксел на 100 метри што е одлична точност. Штом леталото влезе во орбита околу Меркур тимот ќе има можност да направи подобрувања и целата планета ќе биде картографирана во уште поголема резолуција. Оваа глобална мапа е достапна за спуштање од интернет на сајтовите на USGS Map-a-planet и МЕСИНЏЕР.