Владата ги поништи сите правни акти на Спасовски и Ременски
8 April, 2016 - 20:13
Стотици директори, началници и други раководни лица и државни службеници, назначени од министрите Оливер Спасовски и Фросина Ременски треба да ги напуштат функциите и да се вратат на претходните работни места.
Ова се само дел од одлуките донесени во МВР и во Министерството за труд и социјална политика во последните пет месеци, кои Владата ги поништи на синоќешната седница.
Најголем дел од нив се однесуваат на кадровски решенија.
-Се наложува воспоставување на претходната состојба во Министерството за внатрешни работи каква што била пред донесувањето на посочените Решенија за распоредување, именување и разрешување на работници во Министерството за внатрешни работи, се вели во одлуката на владата на РМ.
Од СДСМ обвинуваат дека станува збор за незаконска одлука, која како што велат, е уште една потврда дека ВМРО ДПМНЕ и ДУИ немаат намера да организираат регуларни и демократски избори.
- Ова значи сериозен упад во договорот од Пржино, ова значи дека сите правни акти и решенија кои биле донесени до сега, спротивно на закон се поништени од Владата. Била доставена информација од дополнителен заменик министер, спротивно на закон заради тоа што нема такви овластувања. Ова едноставно претставува упад во системот. Ова е насилие врз државните органи, кое го спроведува Владата и премиерот, оцени генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски.
Од Владата со образложение дека поништените одлуки на министрите се поврзани со организацијата на изборите поради што морало да бидат донесени во согласност со дополнителните заменици министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
-Не ги консултирале дополнителните заменици министри и на овие акти кои Владата им ги поништува нема потпис од дополнителниот заменик министер, од што произлегува дека тие акти се незаконски донесени и се спротивни на Законот за Владата и затоа Владата ги поништи, стои во образложението на владата.
Спасовски тврди дека одлуките немаат апсолутно никаква врска со изборите.
- Дополнителниот заменик министер има право да поднесе барање до ДИК и ДИК да одлучи дали одредено прашање е поврзано со изборите или не. На овој начин Владата направи удар и врз работењето на ДИК затоа што покрај тоа што презема надлежности на министрите, презема надлежности и на ДИК, подвлекува Спасовски.
Спасовски го повика премиерот Емил Димитирев да објасни кој раководи со двете министерства и во чии раце е надлежноста за нивното функционирање.