Во денешното издание на Дневник излезе инфо дека Наумовски се враќа на теренот а Јоловиќ ќе биде тренер на МЗТ.
МЗТ во Суперлигата со Наумоски на паркетот и со Јоловиќ на клупата
Најдобриот кошаркар во историјата на мак-баскетот уште пред почетокот на сезоната беше најавен како засилување, а се очекува да дебитира на мак-сцената во разигрувањето за титулата
Со најдобриот кошаркар во историјата на мак-баскетот Петар Наумоски (42 год.) во тимот и неговиот близок пријател Будимир Јоловиќ како тренер, а со Милјан Пуповиќ (210 см) на центарската позиција, МЗТ Скопје Аеродром е можно да стартува во Суперлигата, која почнува на 26 февруари. Ветеранот Наумоски кој уште од почетокот на сезоната е најавуван како засилување на МЗТ сезонава, с` уште го нема облечено синобелиот дрес на тимот од Аеродром, но според кошаркарските кулоари популарниот Пеце наскоро треба да заигра во салата „Јане Сандански“.
Наумоски речиси целата кариера ја помина играјќи во странство. Во Македонија само една сезона настапуваше за Работнички и тоа во далечната 1991/92. Интернационалната кариера ја градеше како играч на Југопластика со која има две титули европски првак, а има играно и во Ефес Пилсен, Бенетон, Монтепаски Сиена, Пипо Милано и Улкер, каде што последен пат играше во 2004 година. Пред почетокот на сезонава Наумоски во клупските простории на МЗТ се сликаше со дресот на МЗТ, на кој стоеше неговото презиме и бројот 10.
МЗТ моментно во првенството имаат 14 победи и само три порази, но иако тимот е на второто место на табелата, навивачите бараат смена на тренерот Александар Петровиќ кој с` уште е на клупата. Како можна замена за Петровиќ се споменува Јоловиќ. Популарниот Будо пред повеќе од 20-ина години има играно за МЗТ. До пред неколку сезони тој и во петтата деценија од животот рамноправно се бореше со помладите кошаркари. Како тренер работеше во тимот на Соколи.
Покрај добро познатите и проверени имиња на Наумоски и Јоловиќ, МЗТ на центарската позиција се засили и со Србинот Пуповиќ, кој пред неколку сезони играше за Струмица 2005. Во најава е и американско засилување на плејмејкерската позиција. МЗТ в сабота му гостува на Торус во последното коло од регуларниот дел од сезоната, а веќе за 10 дена почнува Суперлигата.