Ало за спас на МЗТ Скопје
Клубот отвори телефонска линија преку која сите љубители на кошарката може да донираат по 50 денари како помош за клубот
Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром отвори телефонска линија преку која сите љубители на кошарката со испраќање СМС-порака може да донираат по 50 денари како помош за клубот кој се бори со финансиски проблеми. Ова е прв ваков случај во македонскиот спорт кога еден клуб бара спонзорство и финансиска помош на ваков начин. Бројот на кој може да се донираат пари за спас на МЗТ Скопје е 075/141-533, а од клубот најавуваат дека наскоро ќе бидат отворени линии и за другите два мобилни оператори. МЗТ на ваков потег се решил откако не најде заинтересирани кои би дале доволно пари за нормално функционирање на клубот.
- Точно е дека ја отворивме оваа телефонска линија, очекуваме помош. Засега функционира само бројот со префиксот 075, а планираме за 3-4 дена да се пуштат и броевите за останатите два оператора на мобилна телефонија. Со ова едноставно бараме да му се помогне на клубот, нам секоја помош ни е скапоцена и добредојдена. Веруваме дека ќе присобереме и повеќе навивачи. Не знам колку пораки ќе пристигнат, но би ги повикал сите што го сакаат клубот и му мислат добро, да помогнат со испраќање порака - вели директорот на клубот, Александар Петровиќ. Тој најавува повторно реактивирање на школата на МЗТ.
- Повторно почна да работи школата. МЗТ сака да му го врати стариот сјај на клубот, да биде она што бил некогаш. Мора да се работи со млади, сакаме школата да биде главниот расадник на играчи кои потоа би играле за првиот тим. Тоа е политиката на клубот. Во нашата сала почнува да работи фан-шопот - додава екстренерот на „штрковите“. МЗТ Скопје ги живее најтешките денови во своето постоење. Постоеше реална можност летоска клубот да згасне, но во последен момент се најдоа сили тој да се пријави за настап во Првата лига.
- Сезонава поентата е да се спаси клубот, тој да остане во Првата лига. Летоска клубот беше мртов, ние со навивачите го вративме во живот. Сегашното раководство гледа на подолг рок. Важно е да се опстане во елитата, ако влеземе меѓу првите 6, ќе биде успех, но во наредниот период се фокусираме на ревитализација на клубот - вели Петровиќ.
Во септември навивачите му дадоа безрезервна поддршка на клубот, кој пред 13 години го победи и големиот Реал Мадрид, има и четири титули во Купот на Македонија. Како морална поддршка за клубот, навивачката група „Фемили Аеродром“ во септември маршираше по улиците низ Аеродром, изразувајќи го својот револт за ситуацијата во која се најде нивниот миленик. Навивачите не сакаа да згасне единствениот спортски прволигашки колектив во ова општина. Сега МЗТ се наоѓа во долниот дел на табелата со само две победи од девет меча и ако нешто не се промени, му се заканува опасност, првпат во својата историја, да испадне од Првата лига на Македонија.
http://dnevnik.com.mk/?ItemID=35E38C506E08E44CB1C922351EEA3342
МЗТ Скопје - Фени Индустри
а со посебно внимание да се изгледа третиот клип, НАПОМЕНА: МЗТ СКОПЈЕ изгуби со 47 разлика