Еве еден текст за последиците по Галичица од некои што малку повеќе се разбираат за ова...
НЕ за експресен пат низ Галичица!
За сите вие што сеуште размислувате дека изградбата на пат низ "Галичица", "шчубо ќе ни донесит учше едно чудо туристи", еве само неколку прашања ,појаснувања и размисли после вчерашната јавна расправа.
1. Предлог-измените на планот за управување со "Национален парк Галичица", што се протуркува на датуми помеѓу два празника, е ништо друго освен започнување со деградирање на зоните, односно обид за нивно законско преиначување од заштитени подрачја во чист асфалт и бетон. И зелено светло за" ѓубре" туризам.
2. За кој и чији потреби е патот? За луѓето што живеат горе во населбите сигурно не е. Па тие со години не добиле ни најобични патеки за пешаци, ни минимално осветлување. За некаков брз фреквентен транзит за на море во Албанија, преку граничен премин "Св. Наум""? Па го имаме Ќафасан". А и помошен "Св. Наум". Ако е за растеретување на сообраќајот за време на летната сезона , не постоји ли некаква можност за обновување на делови на веќе постоечкиот пат? Кога веќе грдни пари ќе се фрлаат за нов.
Која е таа наша потреба за таков безобразен луксуз, ние да си се возиме низ ендемски живеалишта за да стигнеме некаде половина час порано? Односно прво да ги уништиме ендемските и други видови живеалишта, за да си се возиме на раат.
3.. Овој 25 км пат на потег Охрид -Св. Наум се планира да се изгради на 700-850 м. надморска висина. Широк ќе е 11,7 метри, со 3 метарски огради од двете страни и САМО ДВА предвидени премина за дивечот на целиот тој 25 км. потег. Што значи тоа за дивечот проценете сами.
4. При тоа 319 хектари алпски тревници,106 хектари модра смрека, 87 хектари бука, 84 хектари македонски даб,40 хектари други видови шума и 25 хектари земјоделски површини едноставо ќе ги снема. Со сечењето на само еден хектар сегашна КВАЛИТЕТНА шума, биолозите велат дека е потребно да се засадат нови 30 хектари за да се достигне квалитетот на тој еден единствен хектар. Најголемиот апсурд е што тие нови шуми, според планот за компензација, ќе се садат не на Галичица, туку било каде, Малешевијата се предлага, на пример.
3. Ендемските видови, аполоновата пеперутка, качунката, балканскиот рис, и.т.н. после изградба на ваков пат, ќе ги гледаме вероватно во сликовници. Ако некој во меѓувреме се сети да ги испечати. Во времето на поранешната држава кога своевремено било потребно проширување на патот кај хотелите" Метропол" и "Белви" , според мислењето на тогашната научната јавност , а заради заштита на видовите,забранета била работа со тешка механизација од било кој вид. За бучавата да не си го направи своето и да не ги растера животните од своите природни живеалишта.
4 Галичица е природниот филтер за водата од Преспанско во Охридско езеро. Но во овоj ПЛАН, предложен од институциите , воошто не е опфатено влијанието на ерозијата врз езерото. Како божем, планината да е комплетно независна од езерото. Колку и каква вода ќе се слива во езерото можеме само да претпоставиме. Со дождовите ќе следи и најстрашното, миењето на асфалтното масло и неговото директно сливање во сеуште бистрите води на езерото. И што тогаш? Уште еден колектор ќе правиме ?!? Па ние со овој постоечкиот не можеме да излеземе на крај. Или пак ионака туристите веќе нема да имаат за што да застануваат тука. Ете ќе можат непречено и на наша сметка и штета побрзо да си избегаат на некое чисто море .
5.Инвестиоторот "EBOR" , не е познато дали досега има побарано и има добиено зелено светло за уште еден ваков случај на земјинава топка за инвестиција на пат низ национален парк.
6. Не само Охрид и езерото, туку и "Галичица" како единствен природен феномен е под заштита на Унеско.Што ќе се случи со Декларацијата на Унеско , повторно сами заклучете. До толку што, нели сите знаеме, дека Унеско не заштитува баш бетон и асфалт по светов.Или факмани сме си ние па и нив ќе ги "убедиме".
7.И сето ова во време кога светски тренд e еко -туризмот.Кога цивилизираноста на една сериозна туристичка дестинација и понуда , не се мери со "all inclusive" бетони туку сo многу поедноставен еко, рурален и алтернативен туризам. Кога планинскиот и велосипедскиот туризам се во супер подем и почнаа да се синоним за "Галичица". Кога велосипедизмот зеде замав и помеѓу жителите на Охрид.Кога и параглајдерството доби свое сериозно место на картата на Охрид за конечно поразлична понуда во она за што требаше да има стратегија уште пред дваесетина години , а што се вика алтернативен туризам . Кога ликот на Охрид почна да се менува во многу подруг и поубав , со еден сосема различен таргет, на млади еколошки свесни луѓе од цел свет.. Кога тукашни ентузијасти и волонтери ја испопромовираа насекаде Галичица , кога се заложија и означија велосипедски планински патеки. И кога при се тоа, планината си остана нечепната и незагадена.И тамам во време кога бициклисти, алпинисти, параглајдеристи и вљубеници во прирорадата почнаа да ја препознаваат, да се заљубуваат во неа и се повеќе да доаѓаат , ние сме решиле да ја подариме "Галичица" на камиони.
8. Со и заради патот ќе следат и нови туристички зони,некаков контраверзен план за ски ценар, каде впрочем снег воопшто не се задржува , хотелски комплекси , ресторани, вештачки снег и уште повештачки езера....Да ...да... но следи и невидено уништување и загадување , а такви места ги имаме веќе доволно многу. И загадени, а и ски- центри, непроработени, во доволен број си ги има Македонија. Кој би доаѓал тогаш баш навака и за што?