Дали како оштетена во судски спор во кој е подигнат обвинителен акт, имам право да направам приватно судско медицинско вештачење бидејќи немам доверба во вештаците кои ги предлага судот и доколку направам, дали судот би ми го уважил?
Немаш право самостојно да преземаш дејствија во текот на кривичната постапка. Постапката е целосно во рацете на обвинителот, а ти како оштетена можеш само да даваш предлози за изведување на нови докази, вклучително и барање за изготвување на ново вештачење. Бидејќи постапката веќе се води, обвинителниот акт е стапен на сила, барање за ново вештачење се доставува до судот.
Законот предвидува дури и барање на дозвола од страна на судијата за да може да му поставиш прашање на вештакот. Во поглед на процесните можности на оштетените во кривичната постапка, законот е рестриктивен.
Член 64 од ЗКП
Право на предлагање докази, увид во списи и други права
(1) Оштетениот и приватниот тужител имаат право во текот на постапката да укажат на сите факти и да предложат докази што се од важност за утврдување на кривичната одговорност и имотноправното барање.
(2) На главната расправа тие имаат право да предлагаат докази, да им поставуваат прашања на обвинетиот, на сведоците и на вештаците, да изнесуваат забелешки и објасненија во поглед на нивните искази да даваат други изјави и да ставаат други предлози.
(3) Оштетениот и приватниот тужител имаат право да ги разгледуваат списите и да ги разгледуваат предметите што служат како доказ. На оштетениот може да му се забрани разгледувањето на списите додека не биде испитан како сведок.
(4) Јавниот обвинител и судот ќе ги запознаат оштетениот и приватниот тужител со правата наведени во ставовите (1), (2) и (3) на овој член.