„Не знаете ли дека оние, што свештенодејствуваат, се хранат од светилиштето, и кои служат на жртвеникот, делат со жртвеникот? Така и Господ заповедал, проповедниците на Евангелието да живеат од Евангелието.
Но јас не се ползував ни со едно од тие права; и не го пишав ова, за да се приложи сето тоа кон мене. Оти за мене е подобро да умрам, отколку некој пофалбата да ми ја одземе. Зашто, ако проповедам Евангелие, нема за што да се фалам: бидејќи тоа ми е должност, а тешко мене, ако не проповедам“. (1 Кор. 9, 13-16).
„Ценовник“, „тарифник“, „џипови“, „скандали“, се зборови кои најуспешно го привлекуваат вниманието на луѓето. А пак: „Во Бога верувам, но во црквата и поповите не верувам“ би бил еден од најчестите коментари, и оправдувања за својата незаинтересираност, соблазнетост и невоцрковеност. Се чувствуваме сопственици на Црквата и на државата, неоткинлив дел од нив, секогаш имаме што да искритикуваме, осудиме, некого да обвиниме. И сето тоа е во ред, ако знаеме што всушност значи да се биде суштински дел и на Црквата и на државата. Вие сте телото Христово, а поодделно – членови. И едни од вас Бог постави во Црквата прво апостоли, второ пророци, трето учители; потоа даде дарби за чудеса и исцелување; па застапници, управници и луѓе што зборуваат на разни јазици (1 Кор. 12, 27-28). Христијаните сме навистина род избран, царско свештенство (1 Петар. 2, 9), потполни и подеднакви учесници во благодатта на обожувањето. Не само што имаме „глас“ во Црквата, туку и сме повикани, должни сме да го дадеме своето слово во неа. Но, тоа дали нашето слово ќе ја прими силата на Воплотеното слово и ќе ја преобрази состојбата во која се наоѓаме, или ќе стане деструктивна сила која ќе нè уништи најпрвин нас самите, зависи од тоа колку сме свесни за нашата улога во неа.